(Видео) Трпеза полна со љубов, спокој и благосостојба – Со министерката Петровска на Бадник и Божик во Св. Јован Бигорски – ММС
ММС

Објавено на: 01/7/23 11:26 AM

(Видео) Трпеза полна со љубов, спокој и благосостојба – Со министерката Петровска на Бадник и Божик во Св. Јован Бигорски

Христос се роди! Вистина се роди!

Со овие зборови рано утрово заврши целовечерната миса во манастирот Св. Јован Бигорски и се дочека радосната вест за Хрисовото раѓање!

Меѓу верниците, кои радосната вест ја дочекуваат во овој манастир, е и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која последните неколку години Бадник и Божиќ ги поминува во овој македонски бисер.

Таа за ММС раскажа зошто веста за Христовото раѓање ја дочекува токму во овој манастир, а ни откри и детали за подготовката на бадниковата трпеза, за паричката, за желбата која ја замислувала и секако што за неа значи овој голем христијански празник.

-Искрено уште како мала, кога манастирот го немаше овој сјај што го има денес, со моите родители, додека бевме во Маврово одевме во Бигорски. Секогаш кога одев со моите имав некое убаво чувство, чувство на топлина. Пред неколку години ги запознав монахињите и монасите од манастирите Бигорски и Рајчица и ги почувствував како втор дом. И навистина посебно се радувам што со нив сум за Божик. Присуствувам на целовечерната служба, тоа се некои посебни моменти и доживување од она што сум го имала порано. Се задлабочувам во суштината на веста за Христивото раѓање, гледам прекрасни лица во манастирот и заедно, и тие што се познаваме и што не се познаваме, ја пречекуваме убавата вест, вели министерката за ММС.

Петровска потекнува од скопско, па за Бадник нејзиното семејство ги правело обичаите карактеристични за овој дел. Како кај сите, така и кај нив, мајка ѝ го имала главниот збор при подготовката на бадниковата трпеза.

-Имаше обичај на послужавник да се стави чинија и во неа да има од се што има приготвено на масата, а како ритуал пред да се седне да се вечера мајка ми ја отвораше вратата и со оваа симболика го покануваше Господ да ни се придружи. Под масата секогаш стававме слама, која симболизираше благосостојба за семејството, вели таа и додава:

-Бадник и Божик за мене се најубави денови во годината. Бадник, со самата подготовка за раѓањето на Исус, а Божиќ со прославата на убавата вест.  Бадник беше единствениот ден во годината кога целото семејство бевме заедно и ми симболизира топлина и љубов, која ја имаме и ја споделуваме меѓу нас.  Сега кога веќе не живеам заедно со семејството е малку поинаку. Кога се подготвуваше бадниковата трпеза мајка ми секогаш ги правеше покомплицираните работи, а јас ѝ помагав. На почетокот ѝ бев помошник во виткање сарми ама подоцно тоа го правев сама.

Но, сега веќе знам да правам и лепче, да сукам, да правам и солена и блага пита. Од мајка ми ми останал обичај дека на Бадник мора да има и блага пита со ореви. Порано печевме само тиква, но подоцна јас малку модифицирав,  првавам печена тиква со суво овошје. Јас и во друштвото, меѓу пријателите сум позната како некоја која многу сака да готви. Некој готвењето го смета како нешто што мора, но јас искрено уживам во тоа. Кога имам слободно време сакам да приготвувам и да викам гости, вели министерката.

Најубавиот момент од посната бадникова трепеза е исчекувањето, дали ќе ни се падне паричката, која симболизира здравје, спокој и благосостојба. Не постои верник кој барем еднаш во животот не го доживеал овој возвишен момент.

 

-Морам да признам дека кај нас дома мајка ми строго забрани да се мести паричката за да не задоволи нас децата.  Таа сметаше дека, без оглед колку сме мали и колку сме деца, треба да го знаеме редот и да го почитуваме. Иако не беше местено, многу често знеше паричката да ми се падне мене. Многу се радував и верував дека преку целата година ќе ме следи среќа. И секогаш во тој момент си ветував да бидам подобра и подобра во тоа што го правам. И никогаш да не заборавам  дека, без разлика,  што и да се случува секогаш треба да имам трпение и љубов за луѓето околу мене, вели Петровска.

Обичајот со паричката во различни делови во Македонија се прави поинаку. Ако кај некои адетот со паричката се прави за Бадник, кај други тоа е Василица. Петровска вели дека во Бигорски адетот со паричката се правел на Василица и дека секогаш и чувале парче од питата.

-Јас во Бигорски дознав зошто на Василица се прави пита со паричка и ако не сум тој ден кај нив секогаш ми чуваат парче од питата што ја прават.  Но, досега не ми се паднала паричка. Паричката последен пат ми се падна пред две години, кога со другарките за Василица правевме пита. Обичајот со паричката мене лично многу ми се допаѓа. Еве и кога бев порано во Собрание обичајот со паричка не зближувал и во колективот и во средината.

Веројатно суштината на тие обичаи, па и собирањето за Бадник и Божиќ не е толку во богатата трпеза, туку во споделувањето  на љубовта што ја имаме. Дека духовната храна треба да ни биде основата на се,  а се останато е добредојдено, ако дојде. Но, и дека не треба да заборавиме дека на овие празници некој од нас има можност повеќе да стави на трпезата, но дека има некој што не може да си дозволи и дека барем на тие денови треба да бидеме солидарни и да им се помогне и на тие луѓе, вели Петровска, па оттаму и нејзината порака за овој убав ден:

-Каде и да си за Бадник и Божик дома да си не е џабе кажано. Не треба да  забораваме дека покрај храната најважно нешто што треба да го има на трпезата е љубовта. Љубовта што треба да ја имаме едни кон други и таа секоја година треба да биде се поголема и поголема. Затоа на сите им посакувам љубов, спокој и благосостојба, ни рече Петровска на крај со – Христос се роди!

Весна Миленковска