Британската влада и БиоНТек ќе развиваат поефикасни терапии за рак, меѓу нив и нови вакцини против корона – ММС
ММС

Објавено на: 01/6/23 5:21 PM

Британската влада и БиоНТек ќе развиваат поефикасни терапии за рак, меѓу нив и нови вакцини против корона

Британската Влада и германската фармацевтска компанија „БиоНТек” ќе склучат договор, со што ќе го забрзаат истражувањето на полето на нови терапии против ракот – најави британскиот министер за здравство, Стив Баркли.

Тој наведе дека денеска ќе потпише меморандум за разбирање со „БиоНТек” за „најдобрите лекови за рак да им бидат достапни на луѓето што е можно поскоро”.

Тоа значи дека персонализираните мНРА терапии за британските пациенти со рак, вклучително и вакцините против коронавирусот, може да бидат достапни уште оваа есен. „БиоНТек” и „Фајзер” заеднички развија мРНА вакцина против новиот коронавирус.

Во партнерство со британската Влада, „БиоНТек” би можела да достави околу 10.000 дози за третман на рак на британски пациенти до 2030 година.

– Откако ќе се открие ракот, мора да бидеме подготвени да ги понудиме најдобрите лекови и терапија што е можно поскоро, вклучувајќи терапии за рак на дојка, белите дробови и панкреасот, посочи Баркли.

Британските пациенти ќе бидат меѓу првите кои ќе учествуваат во испитувања и тестирања за да развијат насочени, персонализирани и прецизни третмани користејќи нови трансформативни терапии за лекување на постоечките видови на рак и спречување на болеста да се врати.

Овој договор, истакна Баркли, е продолжение на ветувањето на Владата дека ќе издвојува 20 милијарди фунти годишно за истражување и развој, сѐ со цел поефикасно лекување на пациентите.

 

МИА