(Галерија) „Да имаме добро здравје, среќа и помалку грижи“: Верниците го одбележуваат денот пред раѓањето на Исус Христос – ММС
ММС

Објавено на: 01/6/23 4:12 PM

(Галерија) „Да имаме добро здравје, среќа и помалку грижи“: Верниците го одбележуваат денот пред раѓањето на Исус Христос

Добро здравје и благосостојба си посакаа стотиците граѓани кои денеска на манифестацијата во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје го најавија Христовото раѓање.

Православните христијани од таму зедоа бадникарски гранчиња за нивните семејни трпези и традиционално ги пречекаа кумовите и здравичарот со пајтон. Стариот кум на новиот му го предаде и бадниковиот ќуп со гранчиња, а при предавањето скопската градоначалничка Данела Арсовска им посака да граѓаните да бидат среќни весели и да имаат добро здравје.

„Да се сакате меѓусебно, да работиме на тоа оваа година да биде подобра од минатата, да ги надминеме сите предизвици кои ги имавме претходната година. Денес како што е убав и сончев денот така да нѐ послужи и таква да ни биде целата година. Добро здравје, среќа, благосостојба и многу љубов во 2023 година“, рече Арсовска.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски нагласи дека денешниот празник Бадник и утрешниот Божик се празници кои нѐ зближуваат со нашето најголемо богатство – нашите семејства, роднини и пријатели.

Бадникарскиот кум Мојсо Мојсовски и здравичарот, Ванчо – Иве Стевков порачаа годинава на сите да им донесе бериќет, помалку грижи и пред сѐ добро здравје.

„На земјоделците им посакувам убав род и полни амбари, буриња со вино, на рибарите крупен улов на нашите реки и езера, на ловџиите многу дивеч, на студентите и учениците убави високи оценки и на нашата држава успех на сите полиња“, порача Стефков.

Бадникарскиот кум за 2023 Мојсовски се осврна на почетоците на бадникарскиот одбор Бадникари.

-Како вчера да беше кога пред точно 30 години за првпат го почувствуваме гостопримството на светите лица во Соборниот храм „Свети Климент Охридски”. Добивме претходно благослов од г.г. Михаил кој ни го даде името Бадникари. Беше малку порано отколку што е сега и пред објектот имаше многу малку луѓе за ралзика од сега. Нашата приказна е мошне долга и интересна. Дозволете на сите да ви ја честитам новата година и да ви посакам се што е лошо да остане зад вас, поминете ги добро празничните денови – порача Мојсовски, по што следеше примопредавањето на бадникарскиот ќуп.

Денешната бадникова поворка почна со празничен концерт на Градскиот плоштад „Македонија” каде што сите деца со нивните семејства беа пречекани со настапите на Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Златно славејче, Вера Милошевска, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм) и Пере (Нокаут). По концертот тие преку Камениот мост се упатија кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, каде што сите коледарчиња беа дочекани и дарувани од неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

Каква беше атмосферата пред Соборниот храм денеска погледнете низ галеријата на нашиот фотограф Вангел Тануровски: