Дедо Стефан ги даруваше коледарчињата – Бадниковата поворка во Скопје заврши во Соборниот храм – ММС
ММС

Објавено на: 01/6/23 1:40 PM

Дедо Стефан ги даруваше коледарчињата – Бадниковата поворка во Скопје заврши во Соборниот храм

Во вкупно 62 градови и населени места во земјава денеска илјадници деца зачекорија во бадникови поворки на радоста и пеејќи ја ангелската песна „Вечниот Бог“ го најавија Христовото раѓање.

Најголемата бадникова манифестација се одржа во Скопје со празничен концерт на Градскиот плоштад „Македонија” каде што сите деца со нивните семејства беа пречекани со настапите на Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Златно славејче, Вера Милошевска, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм) и Пере (Нокаут).

По концертот се оформи бадникова поворка што преку Камениот мост се упати кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, каде што сите коледарчиња беа дочекани и дарувани од неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

Свечени бадникови поворки со стотици деца се организираа и во Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Крушево, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Битола, Ресен, Тетово, Гостивар, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Виница, Кочани, Св.Николе, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Валандово, Берово, Демир Капија, Велгошти, Дебарца, Враништа, Ростуше, Јанковец, Могила, Драслајца, Брвеница, Вратница, Банско, Ново Село, Зубово, Сушица, Ново Коњарево, Удово, Јосифово, Пирава, Грчиште, Марвинци, Балинци, Брајковци, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Чучер Сандево, Бардовци…

Во сите поголеми градови во земјава, исто како и во Скопје, поворката беше крунисана со празнични концерти на пригодни божиќни песни во кои учествуваа локални ѕвезди и хорови.