Зошто пациентите да ги лечат самопрогласени масери, а учените физиотерапевти да бегаат од државата – Со Блаже Арсов за незаинтересираноста на надлежните да донесат закон – ММС
ММС

Објавено на: 01/9/23 9:22 AM

Зошто пациентите да ги лечат самопрогласени масери, а учените физиотерапевти да бегаат од државата – Со Блаже Арсов за незаинтересираноста на надлежните да донесат закон

Физиотерапијата станува сѐ поатрактивна за младите, но голем дел од нив се решаваат кариерите да ги градат надвор од Македонија.

Тие се грижат за пациенти во другите држави, бидејќи кај нас во отсуство на регулатива не им се овозможува соодветен напредок. Физиотерапевтите најмалку четири години наназад бараат надлежните да донесат закон со кој ќе може да отворат свои ординации, но и со кој би биле заштитени од „самопрогласените“ физиотерапевти без соодветна едукација.

За предизвиците во оваа професија и за тоа, за какви сѐ проблеми луѓето може да се обратат кај физиотерапевт, ММС разговара со претседателот на Здружението на физиотерапевти, Блаже Арсов.

Пред неколку години баравте Закон за самостојна физиотерапевтска дејност. Дали има некакво поместување, издејствувавте ли ваква регулатива?

-За жал, не. Сѐ уште бараме, но немаме никаков напредок и скоро никогаш не сме приоритет. Средбите кои ги договоривме во Министерството за здравство во периодот од 2018 до 2019 не беа никогаш остварени. Во Македонија постојат повеќе здруженија на физиотерапевти, секој на секаков начин се труди нешто да направи, но нема резултати официјално.

Дали тоа што немаме ваков закон е всушност и најголемиот проблем кој се провлекува во вашата професија?

-Да, од една основна причина – физиотерапевтите во Македонија кога ќе го завршат своето образование, зборувам за оние со високо образование, дипломираните физиотерапевти, за да може да останат како здравствени работници тие всушност треба да бидат вработени во некоја здравствена установа. Доколку самите сакаат да бидат основачи на некаков сопствен бизнис, тие тогаш ја губат предноста да бидат здравствени работници и сѐ што би можеле да отворат како сопствен бизнис се води во областа на салони за масажа, салони за нега на тело и така натаму. Тоа значи дека во еден момент, залудна е целата таа едукација на факултет.  Некои од нас имаат завршено и дополнителна специјализација во определени области за рехабилитација. Исто така имаме и магистри физиотерапевти во Македонија. На крај се соочуваме со една небулозна ситуација, се поставува прашањето – зошто на крајот на краиштата ние мораме да учиме ако државата не ни дозволува ние да се реализираме?

Ние во глобала не би му попречиле на никој во сопствениот профил. Зборувам во контекст на тоа што ординациите за физикална терапија во Македонија, се организирани само од доктор специјалист физијатар. Физиотерапевтите работат со различни пациенти, но тие работат како дел од тимот во тие ординации. Немаат можност да формираат сопствен бизнис, мора таа ординација да е на физијатар.

Ние немаме ништо против докторите специјалисти, бидејќи ние треба да соработуваме. Не се бориме против нив, ние се бориме за нас. Нема да им пречиме ако имаме можност да формираме наши ординации за физиотерапија. Пациентите кај нас може да бидат препраќани и од нив. Нема логика тие физијатри кои учествуваат во процесот на едукација на нови дипломирани физиотерапевти да имаат против своите студенти и да можат да се реализираат.

Морам да кажам дека во меѓувреме имавме и две години пандемија и сите ние бевме вклучени во процесот на рехабилитација на ковид пациентите.

 

На многумина не им е јасно која е разликата меѓу физијатри и физиотерапевти, па често ги поистоветуваат?

-Разликата меѓу специјалист физијатар и дипломиран физиотерапевт е во тоа што специјалистите имаат едукација за да спроведуваат инвазивни техники. Не гледам зошто дел од пациентите кои се со поспецифични заболувања или имаат потреба од поинвазивни техники, не се сработуваат од страна на физијатри. Се користи позицијата на монопол бидејќи само тие имаат можност да отворат ординации за физикална терапија и од таа позиција се бираат и состојбите на пациентите кои ќе се третираат.

Во Македонија нема да најдете ординација за физикална медицина којашто третира респираторна физиотерапија. Пациентите со цистична фиброза коишто имаат потреба од редовна респираторна физикална терапија нема каде да се обратат. Ако станува збор за пациент од некој од градовите од внатрешноста каде што нема приватна ординација која ја третира оваа проблематика, може да има физиотерапевти кои веќе завршиле таков тип едукација и тие немаат право да работат со тој пациент. Ако јас отидам кај него дома, тоа е илегален процес. Битно е во секоја професија да има соодветен начин на регулација на активностите на таа професија.

Баравте да се основа и Комора на физиотерапевти, која би била нејзината улога?

-Баравме и Закон за комора на физиотерапевти, каде што ние како профил сами ќе се регулираме и државата преку Министерството за здравство би вовела правила на тоа функционирање. Сѐ додека вака функционираме како слободни „уметници“, факт е дека ќе нема никаква одговорност. Луѓе местат рамења, некој учел киропрактика, некој не…Ние се доведуваме во ситуација да го манипулираме општеството и нашите граѓани.

И тоа е илегално бидејќи се наплаќа, а не е регулирано. Сепак, мора да се разбере дека од една страна граѓанинот кој има потреба од физикална терапија не е должен да чека државата да се сети на него. Има пациенти кои лежат во домашни услови со години и на кои со физикална терапија може да им биде подобрена општата состојба, да се подобри мобилноста. Со тие пациенти не работат физијатри бидејќи физијатрите не вршат домашна посета. Тој човек зарем ќе чека некој министер да се сети за некој закон?

Што е тоа што е подобро во другите држави, како таму е законски подобро регулирана оваа професија?

-Ние немаме контрола на терен кој што работи. Ова е нешто што се случува во светот, нашите колеги си одат од Македонија и некои од нив одат во околните држави, не одат многу далеку бидејќи во нашето опкружување Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија имаат можност да формираат свои сопствени ординации за физиотерапија. Значи ние во Македонија произведуваме физиотерапевти и им ги пуштаме на соседните земји да ги лекуваат нивните граѓани, а за нашите не се грижиме. Тоа е суштинскиот проблем.

Таму си постојат правила како тоа функционира, кој може да отвори ординација за физикална терапија, кои се условите за да биде формирана и тоа треба само да се преземе како пример за во Македонија. Можеби постарите генерации се заглавени во нашиот посттранзициски систем, но луѓето од помладата генерација кои завршиле сега факултет не сакаат да си го губат времето и гледаат побргу да се реализираат како физиотерапевти. Кариерата се гради додека си млад, за да може подоцна да ги уживаш бенефитите од неа.

Според Државната статистика, во 2020 година дипломирале 78 , а во 2021 година 109 физиотерапевти, дали тоа значи дека професијата станува сѐ поатрактивна за младите?

-Во Македонија постојат повеќе факултети за физиотерапија па проблемот сѐ повеќе ќе се наталожува бидејќи кога ќе се зголеми бројот на физиотерапевти тие ќе бараат да се реализираат. Не може да бидат употребувани само за да заработат факултетите пари од нив, од нивната едукација. Тие истите инвестираат во себе за да се реализираат и еден ден ќе мора здравствените власти да почнат да размислуваат за нас.

Во 2018-та година испративте барање за до МЗ, дали оттогаш се реализираше некаква средба за да ја образложите потребата од законско решение, имаа ли здравствените власти некаков слух?

-До ден денес не сме испратиле допис, испративме барање за средба тогаш и добивме само еднаш одговор.  После тоа се променија работите, ние не сме приоритет за да преговараме или разговараме, па потоа имавме пандемија и веќе не сме поднеле барање, но тоа не значи дека не постоиме.

Генерално кои се најчестите здравствени проблеми поради кои луѓето се обраќаат за помош кај физиотерапевт?

-Најчесто луѓето се обраќаат за мускулно-скелетни заболувања. Тогаш се брза да се најде физиотерапевт, инаку физиотерапијата ги следи сите медицински гранки и во секој процес има потреба од рехабилитација и во секоја фаза таа е различна. Физиотерапијата треба да е достапна од гинекологија до геријатрија, нема дел од медицината каде што таа не е потребна.

Вие како Здружение на кој начин ги мобилизирате физиотерапевтите, како споделувате знаења и искуства?

-Редовно одржуваме настани, но од 2020 до 2022 немавме можност да организираме настани. Сепак Здружението си работеше, во 2020 со поддршка од Светската конфедерација за физикална терапија направивме, прв официјален превод на протокол за ваква терапија кај ковид пациенти. Во 2021 направивме едукација за ковид рехабилитација и постковид рехабилитација. Во 2022 одржавме три настани, односно курсеви за три различни техники на барање на нашите членови. Се обидуваме да донесеме техники кои во Македонија ги нема или не се доволно развиени. За 2023 веќе се организираат курсеви, имаме закажни неколку настани за првата половина од оваа година.

 

Вања Мицевска

Фото: Приватна архива / Илустрација – Freepik