„Не треба да чекаме Бадник, Божиќ или Велигден за да помогнеме“ – Со отец Оливер за добрината, несебичноста и хуманоста – ММС
ММС

Објавено на: 01/6/23 10:00 AM

„Не треба да чекаме Бадник, Божиќ или Велигден за да помогнеме“ – Со отец Оливер за добрината, несебичноста и хуманоста

Отец Оливер Петровски и во новата година влезе со старите навики на добрина, со кои им ги топли срцата на многумина, па деновиве неуморно е „мобилизиран“ низ целата државата за да помогне онаму каде што е најпотребно.

Тој така ја заврши и 2022-та година,  отпочнувајќи со акцијата „Подари пакетче, подари љубов“. А со кого може да се направи муабет за добрина и хуманост, ако не со него. Тој за ММС вели дека без останатите волонтери во неговата организација „Свети Спас“ не би успеал во тоа што го прави, но и дека не треба да чекаме да дојде празник за да покажеме хуманост. Со него разговараме помеѓу бројните активности поради кои патува од еден до друг крај на Македонија и така секојдневно е сведок на разни животни приказни.

-Пред крајот на годината имавме доста донации, ја отпочнавме акцијата „Подари пакетче, подари љубов“ . Во текот на овие денови беа дистрибуирани и сѐ уште дистрибуираме пакетчиња во училиштата за деца со посебни потреби, здруженија, дневни центри – насекаде каде што мислиме дека ќе ги израдуваме дечињата. Помогнавме и на бадниковите поворки, во многу институции, со цел да измамиме што е можно повеќе насмевки – сподели Отец Оливер.

Тој и останатите волонтери од неговата хуманитарна организација вчера донирале 20 пакети со храна и новогодишни пакетчиња во Здружението на слепи лица и лица со оштетен вид на Град Скопје, откако ден претходно се впуштија во хуманитарна акција во Виница.

-Може да се каже дека онаму каде што е најпотребно ние носиме пакетчиња и останаа неколку здруженија кои ќе бидат снабдени со пакетчиња до третиот ден на Божиќ- најавува хуманитарецот. Неговото име често прво им паѓа на памет на луѓето кои сакаат да донираат храна, облека, хигиенски средства и слично за своите ранливи сограѓани, па знаат каде да се обратат. Сепак, тој скромно вели дека она што го прават е само „капка во морето“.

„Имаме доволно донации за да снабдиме 300 семејства месечно отприлика, тука е и кујната која секојдневно готви храна за преку 200 луѓе.  Не можам да кажам дали е многу или малку, но е доволно за снабдување на 300 семејства од Македонија. Процедурата е дека треба да поднесат барање и документација дека навистина им е потребна помош. Тоа го правиме со цел донациите кои пристигаат да завршат во вистинските раце. Помагаме низ цела Македонија. Сите семејства се во програмата на нашата хуманитарна организација, но сметаме дека таа бројка е мала ако се земе предвид дека според Државниот завод за статистика, 650 илјади луѓе немаат доволно храна, ние помагаме само за капка од морето“, додава отец Оливер.

Со останатите хуманитарци се постојано во движење, па така патот пред неколку дена ги одвел и во Охрид од каде се вратиле речиси пред полноќ.

„Преку ден делиме ручек па одиме во другите градови попладне. Така е секој ден кај нас. Ние не објавуваме сѐ на социјалните мрежи затоа што сепак поважно е да отидеме и да ја завршиме работата не да седиме на компјутер или на телефон“, смета отецот.

Вели дека во организацијата нема вработени и сѐ функцинира на волонтерска база.

-На пример, за време на „Подари пакетче подари љубов“, заедно со мене беа вклучени уште неколку лица коишто стоеја на пунктовите и кои гледаа да направат акцијата да биде што е можно поуспешна за да добиеме повеќе детски насмевки. Имаме многу волонтери од свештениците, меѓутоа не сите волонтери се свештени лица. Немаме доволно волонтери за кујната, па апелираме оние кои сакаат и можат да се приклучат во црковната народна кујна, да ни се обратат. Имаме ресурси, треба само да дојдат да му помагаат на готвачот – објаснува тој.

Имајќи предвид дека во ваквиот празничен период се организираат разноразни добротворни акции, тој вели дека хуманоста не треба да ни биде одлика само за празниците.

-Мислам дека ако ги чекаме празниците за да станеме хумани, ние сме утнале уште од почеток.  Не треба да чекаме да дојде Нова година, Божиќ, Велигден или кој било празник, за да помогнеме. Тоа треба да го правиме секојдневно, секој еден ден ако сме во можност да помогнеме, зошто не. Македонија е сиромашна земја, но имаме и доста богати луѓе. Барем јас, не сум видел досега да се вклучат во некоја хуманитарна акција, не зборувам во акциите на Свети спас туку во акциите на било која хуманитарна организација – порачува тој.

Според него, треба да сакаме да помагаме, а ако не сакаме, тогаш сѐ е залудно.

-Ако чекаме само да дојде празник за да станеме хумани тогаш сме ја утнале поентата и во тој случај не можеме да кажеме дека сме хумани – смета отец Оливер.

Во однос на начинот на празнување пак, вели дека треба да нѐ водат исклучиво оние заповеди на Исус Христос.

„Имаше доста напади бидејќи Црквата реши да се повлече од паганскиот обичај на палењето на огновите. Тоа беше добра одлука на нашата црква. Ние неколку века сме биле под други влијанија, меѓутоа денес во една слободна држава кога можеме слободно да ја исповедаме нашата вера, треба таа вера да биде прочистена и да ги следиме вистинските заповеди, не обичаите од народот туку она што е оставено од самиот Господ Исус Христос“, вели отец Оливер.

Тој ги поддржува ставовите дека традицијата треба да се почитува, но сѐ до оној момент кога таа традиција нема да се коси со заповедите на нашиот Бог.

-Сите традиции кои се спротивни на учењето на православата вера, секој еден православен христијанин би требало веднаш да престане да ги практикува, православието да биде во чиста форма, да нема примери на други религии или на нешто паганско како што е во случај палењето на оганот – додава отец Оливер.

На крајот од разговорот тој искористи уште еднаш да апелира луѓето да се приклучуваат што е можно повеќе луѓе во хуманитарните организации, бидејќи како што вели, сегде е потребна помош.

„Да сме живи и здрави“, порача отец Оливер.

 

Вања Мицевска

Фото: Приватна архива