По жестоките реакции МНР нема да потроши 100.000 евра за маркетинг агенција – ММС
ММС

Објавено на: 01/5/23 3:45 PM

По жестоките реакции МНР нема да потроши 100.000 евра за маркетинг агенција

Министерството за надворешни работи одлучи да ја прекине еднонеделната кампања, за која требаше да потроши 100.000 евра. За спроведувањето на кампањата преку веб банери беше ангажирана агенцијата на Никола Спасов, „Рејтинг“.  Одлуката на МНР беше изнудена по реакцијата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и на АВМУ, кои со соопштенија потсетија дека со закон е забрането трошење на пари за рекламни кампањи.

-Користењето средства на даночните обврзници за рекламирање на власта преку комерцијалните радиодифузери може да предизвика нарушување на независноста и на уредувачката самостојност и истовремено може да создаде клиентелистички однос на медиумите кон власта, реагира АВМУ.

По бурните реакции во јавноста, МНР објасни дека „во рамките на првите денови од преземање на претседателството со ОБЦЕ, беа привремено поставени веб банери, кои се од информативно-едукативен карактер“. МНР смета дека со тоа  не се промовира ниту Министерството ниту неговата работа.

-Овој потег не е во спротивност на активните законски практики и членот 102 од Законот за АВМУ за пласирање средства кај радиодифузерите. Без разлика на законските можности, по сугестијата која денес дојде од ЗНМ, Министерството за надворешни работи ќе ја прекине предвидената еднонеделна кампања преку користење веб – банери. Во интерес на транспарентното работење, евентуалните идни активности од комуникациски аспект ќе бидат правени во координација со новинарските здруженија и другите претставници на граѓанскиот сектор, стои во соопштението на МНР.

Според објаснувањето на МНР, агенцијата е ангажирана пред се’ за организирање на настани во рамките на претседавањето на Македонија со ОБСЕ.