Две деца и 10 возрасни повредени во сообраќајка меѓу комбе и воз во Велес – ММС
ММС

Објавено на: 01/5/23 2:36 PM

Две деца и 10 возрасни повредени во сообраќајка меѓу комбе и воз во Велес

Денес околу 12 часот на пругата кај поранешна „Порцеланка“ во Велес се случи сообраќајка, во која засега, за среќа нема жртви, но се повредени 12 лица, од кои две деца.

Според МВР, сообраќајката била меѓу воз за Македонски железници и комбе, кое превезувало патници.

-Денеска во 12.01 часот во СВР Велес било пријавено дека на железничкиот премин кај фабриката „Порцеланка“ во Велес се случила железничка незгода помеѓу воз на Македонски Железници и такси возило – комбе „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на такси компанија од Чашка, а управувано од Д.Ј.(52) од Чашка. Во незгодата со повреди се здобиле 10 патници кои биле пренесени во Општа болница Велес за укажување лекарска помош. Увид извршила увидна екипа од СВР Велес, информираат од МВР.

ММС се обрати и во Општата болница во Велес, за да дознаеме во каква состојба се повредените.

-Околу 12.30 часот примени се 12 лица и се уште се прават испитувања, односно рентгенските снимки не се готови за да комплетно ја кажеме нивната здравствена состојба. Од оние кои досега се прегледани и за кои се готови снимките се гледа дека нема скршеници. Засега сите се задржани на болничко лекување. Од 12 пациенти две се деца, останатите се возрасни. По 16 часот ќе има конкретни информации, кога ќе заврши ренгентот на сите. Засега се знае дека две жени се потешко повредени, но сите се вон животна опасност,  рече за ММС д-р Елена Ќулумова, портпарол на Општата болница во Велес.

По објавување на информацијата за сообраќајката на ова место, жителите на Велес ги критикуваа Македонски железници, бидејќи ова место е обележано, но немало светлосна сигнализација.

„До кога ќе биде вака Македонска железница нема слух! Денеска се потресовме сите не се знаеше што се случува. Полиција свири, Брза помош со сирени,  луѓето во паника..Господ денес нека е на помош на сите.. “, „Уште еден доказ дека безвреден е човечкиот живот на овие простори! Какви светлечки знаци,  кога истите се не функционални, потврдено многу често. Локомотиви и возови се од СФРЈ! Ги тргнавте луѓето кои беа вработени на тие критични точки и сега баш ви е гајле, вие не поминувате низ тие премини! А кој ќе настрада ни тоа не е важно! Колку малку треба да вложите за да се почувствува секој како човек а не граѓанин од втор ред…“ се само дел од коментарите на велешани..

 

(В.М.)

Фото: Фејсбук