На последната седница на Судскиот совет минатата година, неколку месеци по распишувањето на јавниот оглас, за судија во Основниот суд во Штип беше избран Тодор Поп Панев. Со тоа, Поп Панев од Основниот суд во Свети Николе, каде работеше од 2010 година, доби судско место во Штип, каде пет годни поминал како стручен соработник. Со изборот на Поп Панев, во светиниколскиот суд остануваат да судат само две судијки, со што не е исполнет законскиот минимум од тројца судии за да функционира како Основен суд.
Штипскиот суд по трите пензионирања на судии, очекува да ги пополни испразнетите места, со кои сепак, не се пополнува предвидениот број со систематизацијата. Во моментов во Основниот суд во Штип работат 11 судии и на еден местото му е во мирување поради тоа што е член на Судскиот совет.
На седницата на Судскиот совет на 29 декември, Бранка Наумоска, беше избрана за судија на Основен кривичен суд Скопје, која до сега судеше во Основен суд Куманово.
Како што веќе пишувавме, извршен е и избор на претседатели на судови во Основен кривичен суд Скопје, Основен суд Ресен и Основен суд Виница. За претседател на Основен кривичен суд Скопје е ре-избран Иван Џолев- судија на Основен кривичен суд Скопје, во Ресен Емељ Кранли Али-судија на Основен суд Ресен и во Виница е избрана Сузана Спасова-судија на Основен суд Кочани. Судскиот совет донесе одлука за престанок на судиска функција на судија Јованка Стојаноска од Основен суд Кичево, поради исполнување на услови за старосна пензија.