„Бев во затвор на КГБ, а Македонија и Бугарија се вплеткани во пропагандата на политичарите“ – Со Димитер Кенаров за новинарските искуства во кризни региони – ММС
ММС

Објавено на: 01/5/23 9:00 AM

„Бев во затвор на КГБ, а Македонија и Бугарија се вплеткани во пропагандата на политичарите“ – Со Димитер Кенаров за новинарските искуства во кризни региони

Балканот му е во срцето, важни му се регионалните граници, не националните.

Новинарот Димитер Кенаров, кој негува специфично, тнр. импресивно новинарство е едуциран во САД, и работи за списанија како Форејн полиси, Њујоркер, Атлантик. По години патувања, се вратил и останал во Софија, Бугарија, за која вели дека му е база од која тргнува секаде во светот. На една од новинарските задачи бил уапсен и поминал пет ден во затвор на КГБ во Белорусија. За војната во Украина е песимист и вели дека нема да заврши така брзо.

Македонија за Кенаров е многу интересна земја за работа и тој како Бугарин искрено жали за тоа како се развиваат односите меѓу нашите земји последните две-три години.

Со Димитар Кенаров разговаравме во Александрополи, Грција, каде беше поканет да зборува за своите искуства пред новинари од Македонија, Грција, Бугарија и Косово.

Тој објасни каков е тој пристап во импресивното новинарство? Има ли за него особено интересен случај за  пишувал.

-Се присетувам на случај од Босна, од Сараево, кога пишував за група сноубордисти, кои се обидуваа да ги надминат траумите на војната кои ги искусиле нивните родители. Во таа сноуборд група беа Бошњаци, Срби, Хрвати… заедно деца кои се родени или за време на војната или после војната, кои се обидуваа преку спортот да одолеат на тие трауми. Беше навистина исклучително интересно доживување. Инаку, сум бил на многу места. За време на Кримската криза бев во Крим, уште на самиот почеток во Источна Украина. Оваа година исто така бев воен дописник од Украина. Сум бил во Ирак, сум пишувал и од Романија, потоа еколошки статии, во Србија, во Македонија…На различни места и навистина чувствувам дека нашиот регион има многу интересни истории, кои можат да бидат интересно раскажани, без од тоа да правиме егзотика, како што тоа го прават луѓето од надвор, кои не го познаваат регионот и многу често имаат еден егзотичен поглед, додека мојот поглед е пореален, вели тој.

Кенаров објасни и дали може ли да се направи споредба меѓу војните во Ирак и Украина?

-Војната секаде е ужасна. Нема помалку или подобра војна. Сите војни се такви, што на крај мирното население, луѓето кои се фатени меѓу двете страни, страдаат. Во Ирак се случи тоа што поради лоша американска политика, исклучително, со многу протести, од американската страна се дигна светската јавност. Исклучително лоши процеси, кои можеби доведоа до моментите во кои ние живееме сега, затоа што ирачката војна ја отклучи војната не само во Ирак туку и во Сирија, соодветно на тоа што се случи подоцна во Либија. Така што, од некоја далечна смисла тоа можеби доведе до ова што сега се случува во Украина. Но, војната е одвратна. Тоа што човек го гледа како новинар е во големото тело. Кога сите претстави, културни…целата цивилизираност просто одеднаш се распаѓа и човекот станува едно биолошко, голо суштество, кое се бори да преживее. Сите војни, независно дали е Ирак, Сирија, или во Украина, Јемен, сите се еднакво ужасни, објасни новинарот.

Тоа што Кенаров го правел во Украина било поразлично од останатите новинари, кои вообичаено се движат на местата што се бомбардирани. Тој не отишол на тие места каде одат сите. Заминал во малку познат регион на Украина, Бесарабско – југозападниот регион меѓу Молдавија, Романија и Одеса. На Кенаров му бил интерес овој регион, бидејќи, као што вели,  има стари малцинства од Бугарија, потоа, украински, руски тнр. старовеци, старорелигиозни верски заедници, слично на Босна пред војната, мултикултурни заедници. Отишол и ги истражувал ставовите на луѓето за војната. Тој раскажува дека кога ќе се отиде на терен, се гледа дека состојбата не се истото тоа што се гледа на телевизиите.

-Бесарабија е место каде Путин предизвика проукраинска чувства. Украинците беа разединети, но руската инвазија ги обедини. На терен местата се сложени, дури и за време на војна. Бесарабија е место каде се’ уште има луѓе со проруски чувства. Најмногу поради тоа што регионот е економски и географски изолиран и има историја на 30 години по распаѓањето на Сојузот. Има многу носталгија по стариот ред, така да се изразам, со недоверба кон Европската унија, со смисла кон Западот. Ова се однесува повеќе за малите селски средини, се разбира, градски средини се поскосмополитски, каде луѓето се попрозападно ориентирани, попроукраински расположени. Но, медиумите и во една и во друга насока ги претставува работите во црно – бела боја. Или едните се за или против, но кога ќе отидеш на едно такво место ќе видиш дека на терен животот просто е посложен од тоа што ние можеме да кажеме дека е црно или бело. Мене ми е јасно дека има агресија, за мене Русија е агресорот, Украина е жртвата, но кога ги разгледуваме човечките истории, треба да ги разгледуваме во целата длабочина и комплексност. Тоа за мене е многу важно, вели Кенаров.

Димитар Кенаров се присети и на настанот од пред десет години, кога бил уапсен и пренесен во озлогласениот затвор на КГБ.

-Заминавме во Белорусија со еден од моите американски уредници на списанието Викилар, кое е мало, но реномирано американско списание. Требаше да направиме број за 20 годишнината од распаѓањето на Советскиот Сојуз и идејата беше различни новинари да отидат во различни поранешни советски републики и да видат како се развивале. Знаеме дека Централно – Азиските републики се развиваат на еден начин, Прибалтисчите на друг, Белорусија и Украина по трет итн. Јас требаше да отидам во Белорусија, каде како и сега, новинарските движења не се дозволени. Отидовме со еден мој колега, американски новинар Џејсон Мотла во Белорусија со туристички визи. Идејата беше јас да направам материјал (звучи чудно) за тракторската индустрија која останала уште од советско време, објасни тој и се присети дека и во  Македонија има трактори „белорус“.

-Да, се сеќавам како мал во 80-тите сум гледал трактори „белорус“. Сакав да пишувам од полична перспектива и за мене беше важно да го има и тој личен елемент и сакав низ таа советска индустрија да погледнам што се случува со Белорусија. Но, кога отидовме таму никој не сакаше да зборува, луѓето со кои бевме договорени, одбија да зборуваат и после такви ситуации, бевме уапсени од КГБ, како што се’ уште се викаат службите во Белорусија (ФСБ да кажам). Не’ уапсија, а Џејсон Мотла, мојот пријател беше екстрадиран, а јас бев задржан пет дена во изолација, во самица. Не се изживуваа над мене, но тоа беше момент кога човек може да види еден диктаторски режим низ хоризонтот на затворската ќелија, објасни новинарот за своето искуство.

Тој вели дека не се уплашил за себе, но неговите родители биле вознемирени, кои и по толку многу години, не се навикнале од неговите професионални авантури..

-Не се уплашив, но моите родители се вознемирија, тие доволно страдаат од моите авантури. Но, во пракса, човек помислува да не остане таму со години. Гледаме дека ситуацијата сега е поразлична. На пример, сега ми е забранет влез во Белорусија, бев екстрадиран и знам дека ако се вратам повторно и ме уапсат, може години да поминам во еден таков затвор. Така што, човек треба да го одмери и ризикот.

-Ако не сме смени политичката ситуација таму нема повеќе влегување во Белорусија. Но, тоа не е тешко само за луѓе како мене кои биле апсени, туку тешко е и за други новинари кои сакаат да отидат таму. Знаеме дека праксата во Белорусија е како во Русија. Тие реално станаа колонија на Русија и според мене немаат особена независност, така што човек одејќи во Белорусија, реално оди во некаков тип Русија. Јас сум песимист во целина за светските работи и мислам дека таа војна ќе се хронифицира, ќе продолжи долго време. Сега гледаме што се случува со анексиите на цели региони и се надеваме дека нема да стигне до полошо, но режимот на Путин е на се’ или ништо, за него тоа е егзистенцијален проблем, т.е. ја губи ли војната, губи се’, веројатно животот, веројатно дел од Русија може да се распадне…Многу е опасна ситуацијата и не мислам дека треба да се потценува. Многу западни аналитичари често се оптимистички настроени изјавувајќи како Русија губи, но видовме дека нивната армија е силна и се многу опаки. Не треба да се потценува, бидејќи многу нешта можат да излезат од контрола, вели тој.

Според неговото искуство тој вели дека е оправдано што светот се плаши од нуклеарна војна и дека се е можно.

-Сите се плашиме од тоа. Се’ е можно и ако некогаш се чинеше дека тоа е можно за време на студената војна, па дури би рекол дека тогаш нештата беа далеку постабилни од сега поради доктрината на MAET – ако еден започне сите умираме. И постоеше тој баланс меѓу двете сили. Сега гледаме дека многу почесто се говори за директна употреба на оружје – дали за тактички или стратешки, но си мислам понекогаш кога го отвораме разговорот за нешто, го отвораме и шишето, како нешто си го држел настрана, знаеме дека е таму, но не зборуваме за него. Сега гледам дека се’ повеќе и повеќе зборуваме за тоа, што според мене е лош знак, вели Кенаров.

Иако професионално посетил многу места, кои се далеку поинтересни од нашата држава, сепак, тој вели дека Македонија, за него како Бугарин, е многу интересно. Не ја испушти можноста да каже дека навистина му е жал за односите меѓу двете земји.

-Македонија е многу интересна земја за работа и јас како Бугарин искрено жалам за тоа како се развиваат односите меѓу нашите земји последните две-три години. Тоа е апсолутна политичка манипулација од бугарска страна и македонска во некоја смисла. Многу е важно Македонија да влезе во ЕУ, да биде стабилна држава, јас ја чувствувам Македонија како исклучително блиска и треба многу Бугари да разберат дека треба да престанат да мислат за Македонија како за нешто што го изгубиле. Македонија е независна држава со своја култура и јазик и тоа задолжително треба да се почитува. Ние можеби имаме многу заеднички работи, но Балканот воопшто, различните држави имаат заеднички работи. И јас многу се надевам дека тој тип на политичка пропаганда и таа омраза што нашите и вашите медиуми им ја наметнуваат на луѓето, на крај од краевите, мислам дека имаме многу повеќе нешта што не’ зближуваат од тие што не разделуваат. И секоја држава треба да има право на своја култура, своја историја, свое видување на нештата и конечно кога ќе ги отвориме границите како ЕУ, ништо од ова нема да има значење, рече тој.

Зборувајќи за новинарството денеска, Кенаров смета дека многу се промени, дури и не може да се зборува за класично новинарство. Дури  секој може да биде дописник со својот телефон, но тоа, смета тој, може да биде и опасно., бидејќи секој има агенда, свои мотиви.

-Технологиите се променија. Пишувањето се промени. Можеби се враќаме со радиото со звук, кон подревниот тип. Загрижен сум за младите кои губат еден контекст, се губи подлабока претстава. Светот не е само денеска. Луѓето имаат своја историја и луѓето живеат во сегашноста, без историја, без продлабочување, за нив се почнува од денеска и тоа ме загрижува. Луѓето губат претстава за историја, вредноста, за припадност и живеат само во сегашноста, вели Димитер Кенаров.

Весна Коловска