Нека ви е среќна новата година, ви посакувам да имате многу здравје и малку да се опуштите, да престанете да бидете негативни, бидејќи има многу поважни работи за кои треба да се коментира,а не кој како е облечен..
Ова, вели кошаркарската легнеда Перо Антиќ за ММС, не е порака, бидејќи не сака ништо да порача, туку е една убава честитка за Нова година, до сите кои се негативно настроени и го коментираат неговиот вчерашен аутфит.
„Македонски леб јаде за Ѕвезда да навива“, „Дно“, „Тажна наша Македонијо“… Ова се само дел од коментарите кои осамнаа на социјалните мрежи на профилите на Комити Скопје, но и други навивачки профили, а се однесуваат на кошаркарската легенда Перо Антиќ.
Комитите му замериле на Антиќ бидејќи на вчерашниот хуманитарен ракометен хепенинг, кој се одржа во „Борис Трајковски“, а на кој играа актуелни ракометари и легенди, тој се појавил со дуксер на кој пишувало Црвена ѕвезда, а можел да се појави облечен во национален дрес.
ММС побара коментар од Антиќ, по овие напади од страна на навивачките групи, чија примарна цел е поддршка на спортот и спортистите, кои се нашите амбасадори.
Антиќ за ММС рече дека воопшто не се изнервирал, бидејќи ова не е ниту прв, а ниту пак, ќе биде последен пат да се случуваат вакви работи.
– Жално е што по оној убав настан вчера, ние денес зборуваме за дуксер?! Ни најмалку не ме изнервира, па ниту е прв, ниту, пак, ќе биде последен пат. Сите знаеме дека само се чека на вакви работи, а се занемаруваат многу поголеми работи што треба да се коментираат. Вчера бевме собрани сите на еден многу убав настан, за убав повод, за помош на дечињата од СОС Детско село. Но ете, некои луѓе таму отишле за да стават темна дамка на тој убав настан, кој фантастично го организирала РФМ. Мене навистина ми беше чест да присуствувам на овој настан, рече Антиќ за ММС и додаде дека сите може да бидат облечени како сакаат, а не по нечии мерки и мислења.
-Вчера не беше модна ревија, туку убав спортски настан. Можев и у дуксер со Меси да дојдам! Имам таков и плав дуксер. Тоа ми е опрема дадена од последната сезона кога играв. Не сум отишол да купам. Ма не се правдам и не сакам ова да изгледа дека се правдам. Секој може да облече што сака, секако и јас. Може и гол да оди, отворен ум, нели сме 21 век. А сите си навиваат за свој клуб. Јас сум кажал и пак ќе кажам дека навивам за Црвена Ѕвезда, Олимпијакос и Фенербахче и тоа ќе остане така. Јас сум нивен фан, јас тоа не го кријам. Но, секако дека Македонија ми е под број еден. И се што јас имам направено за Македонија ми дава за право да бидам облечен како сакам. Македонија ја претставував во најдобро светло низ цел свет. За мене една е Македонија, едно е знамето и една е химната и тоа никогаш нема да се смени. Затоа до злобнициве немам порака, само сакам да им честитам среќна Нова Година, да имаат здравје и малку да се опуштат. Да престанат да бидат негативни, бидејќи има многу поважни работи за кои треба да се коментираат,а не кој како е облечен. Јас Македонија си ја сакам, тоа сите го знаат, затоа за нив само- се најубаво, вели кошаркарската легенда за ММС.
Првиот човек на КФМ, Антиќ вели дека не му пречи, нека пишуваат што сакаат, но дека му е смешна пораката- македонски леб јаде, а да навива за Ѕвезда…
-На натпревар на МЗТ се појавив во дуксер на Фенербахче! Зошто тогаш не им сметаше? Што не коментираа! Па вчера не играше Македонија против некоја репрезентација? Беше навистина преубав хепенинг со стари легенди, со некои од нив сум израснат, тие ми се идоли иако се од друг спорт. А јас ќе останам Македонец во душа и затоа живеам тука. И не јадам ничиј леб, туку мој, што сум го спечалил со пот. Јас не сум ниту мамин ниту татин син и сите пари што сум ги заработил во животот сум ги донел во Македонија, не се во странство. Ќе јадам што сакам зашто тие се мои пари, ниту сум бил на државна цицка, ниту ми ги дале мама и тато . Напротив цел живот сум помагал и ќе помагам. Јас цела кариера помагам и на сите тоа треба да им е во срце, душа и во глава, да помогнат на тие што им треба, вели Антиќ за ММС.
Тој пред прагот на СП, пред заминување на нашите ракометари им посака многу среќа и без повреди, едноставно да се забавуваат на терен, без да бидат оптоварени за тоа кој што рекол.
-Само да бидат насмеани и да не ги слушаат „тренерите на тастатура“. Да играат заедно, да се смеат, да се сплотени. Ако нив ги слушаат по првиот пораз ќе бидат предавници. А по прва победа ќе бидат ѕвезди. Децава имаат иднина, Кире е цар, одличен избор на РФМ и само да се забавуваат. Кога велам забавување, да не сфатат луѓево погрешно, мислам на забавување на терен и да бидат насмеани. Со среќа и без никакви повреди, им посака тој на ракометарите и за крај рече:
-Имам уште многу за кажување ама навистина не сакам да зборувам и да коментирам нешто што не е за коментирање, не заслужуваат. Сакам се да биде позитивно, така да почне годината, бидејќи преку глава ни е од негативности. А тие ако сакаат за зборуваат еве нека позборат малку за загадувањето, додаде тој за ММС.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски