Тешко се набавува парацетамол: Франција ја забрани неговата онлајн продажба – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/23 2:00 PM

Тешко се набавува парацетамол: Франција ја забрани неговата онлајн продажба

Француската Влада забрани онлајн продажба на производи на база на парацетамол од денеска до крајот на јануари, поради потешкотии со набавката на тој лек против болки.

Владата во Службен весник објави дека до 31 јануари е прекината онлајн продажбата на лекови составени исклучиво од парацетамол. Одлуката е донесена поради континуираниот недостиг на лекови на база на парацетамол, особено на тие што се за деца, во изминатите шест месеци, се вели во соопштението. Се наведува и дека мерките што ги презеле здравствените власти, иако биле ефективни, досега не успеале целосно да стават крај на овие тешкотии во набавките.

Од пред неколку месеци, Националната агенција за безбедност на лекови бара од француските аптеки да ја ограничат продажбата на парацетамол на поединци.

Во декември, француското Министерство за здравство предупреди дека и покрај мерките, ситуацијата останува „комплексна” и ќе бидат потребни уште неколку недели за да се реши.

Во одлуката, француската Влада укажа на влошувањето на здравствената состојба во Кина, каде што се зголеми бројот на случаи на коронавирус по ненадејното укинување на драстичните здравствени мерки во првата половина на декември.

Кинеската Влада го забрани извозот на парацетамол, а земјата произведува голем дел од главната состојка што ја користат лабораториите ширум светот. Тешкотиите во снабдувањето доаѓаат поради широкиот недостиг на неколку лекови во Франција и други земји, почнувајќи од антибиотици, како што е амоксицилин.

 

МИА