Кривични пријави за поранешен градоначалник на Неготино и вработени во Општината, го оштетиле општинскиот буџет за над 340.000 евра – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/23 12:33 PM

Кривични пријави за поранешен градоначалник на Неготино и вработени во Општината, го оштетиле општинскиот буџет за над 340.000 евра

Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” денеска до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против четири лица: В.А.(59), З.Л.(41), Ѓ.Т.(37), тројцата од Неготино и И.З.(40) од неготинско село.

Како што соопшти МВР, кривичната пријава е поднесена од Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

Лицата делото го сториле така што З.Л., вработен во Општина Неготино, во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, заедно со Ѓ.Т. и И.З. вработени во Општината, членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка, во текот на 2014 година со неизвршување на своите службени обврски постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки. Тие без да обезбедат согласност од Советот за јавни набавки, распишале оглас за набавки за работи – рационализација и унапредување на јавна водоснабдителна мрежа на подрачје на Општина Неготино.

– Пријавените во огласот за набавки предвиделе критериуми и технологија која упатува на конкретно производство, наведувајќи критериуми кои дискриминираат и ја ограничуваат конкуренцијата и го објавиле без да бидат точно наведени кои позиции и што ќе се изведува. На овој начин, тројцата спротивно на законот, спровеле постапка за јавна набавка и изготвиле Извештај во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере конкретна понуда од група понудувачи, стои во соопштението од МВР.

Првопријавениот В.А., во својство на тогашен градоначалник на Општина Неготино, кривичното дело го сторил со неизвршување на својата службена должност. Тој иако бил должен да донесе посебна Одлука за изработка на основен Проект, врз основа на кој ќе се распише набавка за изведба, и иако имал обврска да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, со кршење на одредбите од Законот донел Одлука за избор на најповолен понудувач. Потоа В.А. во име на Општина Неготино со група понудувачи на 29.08.2014  година склучил Договор за проектирање и изведба на работи за рационализација и унапредување на јавниот водоснабдителен систем во Општина Неготино со вкупна вредност на договорот од 21.237.740 денари или 345.330 евра.
-Со ваквите инкриминирани дејствија и со непостапување согласно своите службени овластувања пријавените го сториле делото „злоупотреба на службена положба и овластување” предвидено и казниво по член 353 став 5 од Кривичниот законик, со што овозможиле на правни лица да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 21.237.740,48 денари – се наведува во соопштението од МВР.