Вчера во Националната галерија Даут Пашин Амам беше организиран прием по повод 23та годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија во организација на Македонско – американската алумни асоцијација (МААА).
На настанот присуствуваа преку 100 членови на организацијата и други гости. Гостите ги поздравија претседателот на МААА, проф. д-р Мишо Докмановиќ и американскиот амбасадор Џес Бејли. Проф. Докмановиќ нагласи дека САД и Македонија стоеја рамо до рамо многупати во историјата и ќе продолжат да стојат заедно во годините кои се пред нас. Нашите две земји никогаш не биле поблиску, а нашето пријателство никогаш не било посилно. Осврнувајќи се на улогата на МААА во македонското општество, потенцираше дека организацијата има преку 160 членови кои даваат клучен придонес во науката, медицината, образованието, уметноста и деловната заедница на Македонија.
Амбасадорот Бејли го потенцираше значењето на програмите за размена, улогата на поединците и личните искуства во развивањето на односите помеѓудржавите. Во контекст на билатералните односи, тој нагласи дека ништо нема да го направи посреќен од моментот кога ќе го видиме македонското знаме во Брисел пред седиштето на НАТО, на местото кое Македонија полноправно го заслужува.
Македонско – американската алумни асоцијација (МААА) претставува здружение на учесници на програми за академска размена, професионално усовршување и развој на кариера спонзорирани од Владата на САД, формирана во 2000 година.