Мерната станица на лабораторијата АМБИКОМ на Универзитетот „Гоце Делчев“ , поставена на општинската зграда во центарот на Штип за вчерашниот ден покажува просечни вредности на квалитетот на воздухот од 196,5 µg/m³ ПМ 10. Тоа е три пати повеќе над дозволените граници и покажува статус „нездрава средина“. Изутрината станицата покажуваше 167,8 µg/m³. Граѓаните, особено повозрасните, ги вратија маските на лицата движејќи се по улиците на Штип.
За илустрација, Тетово изутрината има вредност од 181 µg/m³, додека Скопје кај Ректорат, во центар 155 µg/m³ според мерењата во 5 часот. Ова се вредностите од светските сајтови што го мерат квалитетот на воздухот.
Штип од 19 декември мината година е со лош квалитет на воздухот и вредности кои покажуваа црвено, односно нездрава средина. Градот со денови е во магла, без сонце.
Професорот Дејан Мираковски, кој е специјализиран за квалитет на воздухот објасни дека ова е резултат на отсуството на ветер, карактеристичен за Штип и зголемениот број на домаќинства, кои се загреваат со дрва.