-Единствениот ургентен центар за деца на Клиниката за детски болести повеќе не е во фунција, а тука се третираа најтешките педијатриски случаи од целата држава, реагираше утрово ВМРО ДПМНЕ, на првиот работен ден од новата година.
Според партијата тука се хоспитализирале најмлади пациенти за кои е потребна изолација и хоспитализација – деца со тешки инфекции, ургентни состојби во педијатријата, меѓу кои и стрептококен токсичен шок синдром, високо вирулентен сој на стрептокок кој во повеќе земји е со доста летални исходи. Информацијата, како што велат, е од здравствени работници, кои реагирале до Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
ММС се обрати до директорката на Детската клиника, д-р Стојка Нацева Фуштиќ, којa ни рече дека не постои Ургентен центар туку Оддел за ургентна педијатрија и специјалистичко-консултативна дејност и токсикологија и дека тој си функционира
Во однос на партиското соопштение, д-р Нацева Фуштиќ тврди дека станува збор за дезинформации.
„Во текот на викендот таму се згрижени 50-60 деца и со функционирањето на овој Оддел, горе се отвора повеќе простор за прием. Всушност, тоа е Оддел кој си функционира сосема нормално, тој е наменет за ургентна педијатрија и тука најчесто доаѓаат дечиња со фебрилност, со дехидрации… Тоа е Оддел за инензивна нега каде што има и деца на кои им треба интензивен третман, многу често и респираторна поддршка, некои се на машина…“, додава директорката.
Таа апелира дека е потребна поголема внимателност при пласирањето на информациите бидејќи може да ѝ се наштети на самата установа.
„Клиниката е отворена, сите болни деца од цела Македонија и сите ургентни случаи доаѓаат овде, бидејќи нема каде. Сите се згрижуваат. Ние отворивме дел каде што имаме четири кревети и можеме да ги згрижуваме децата, како и дневна болница-значи деца со хронични болести таму може да примаат трансфузија, биолошка терапија и слично и да си одат дома, бидејќи нема потреба да лежат. Тој дел беше затворен цели пет месеци поради ковидот, иако ние не бевме ковид болница. Веќе од јуни, ковид делот е затворен“, потенцира д-р Нацева Фуштиќ.
Според неа, со функционирањето на Одделот за ургентна педијатрија, се отвораат повеќе места на одделенијата, бидејќи децата кои престојуваат на Клиниката по шест-седум часа нема потреба да лежат на одделение, тие само примаат терапија и си одат.
-Пласирани се дезинформации и се извртува одлука на стручен колегиум за да се наштети на Клиниката. Кај нас постои Оддел за ургентна педијатрија и специјалистички-консултативни амбуланти. Тоа е целиот оној поликлинички дел, тоа е дел кој функционира и каде што доаѓаат пациенти, како во општиот дел за првпат, така и во амбулантите каде што се водат пациентите со одредени хронични проблеми и кои доаѓаат на редовни консултации. Тоа е целиот тој оддел, немаме Ургентен центар со некоја систематизација, вработени или одредени доктори и сестри – потенцира директорката.
За потсетување, во 2013 година на Клиниката за детски болести во Скопје беше отворен првиот специјализиран Детски ургентен центар во државава, кој беше изграден со поддршка на Турската меѓународна агенција за соработка и развој-ТИКА. Две години подоцна поради недостиг на кадар тој беше затворен, а во истиот простор беше преместена Интензивната нега.
Вања Мицевска
Фото: МИА