На експресниот пат Штип-Кочани, вечерва се случи сообраќајна несреќа.
Полициски извори информираат дека едно лице загинало во несреќата што се случила околу 20 часот меѓу автобус и патничко возило.
Од СВР Штип велат дека автобусот бил со беровски регистерски таблички, додека возило „опел астра“ со пробиштипски.
-Сообраќајката се случила во близина на клучката кај населба Три Чешми. Лекарите од Итната медицинска помош на лице место констатирале дека загинал сопатникот од автомобилот, а возачот со повреди е хоспитализиран во Клиничка болница-Штип, информираат од СВР Штип.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА потврдува дека едно лице од сообраќајната несреќа веќе е на испитување кај нив, со цел да се утврдат повредите и да добие соодветен лекарски третман. Повредени патници во автобусот нема.
Во тек е увидот од страна на полицијата и јавниот обвинител. Во моментов за сообраќај е затворен екпсресниот пат Штип-Кочани кај клучката кај Три Чешми.
Поради сообраќајна незгода вечерва е затворен експресниот пат од Штип до Кочани, од клучка Три Чешми до клучка Пробиштип, соопшти АМСМ во вонреден извештај.
Сообраќајот на поголемиот дел од патиштата во државава се одвива отежнато поради магла.