Три дена жалост во Бразил за легендата Пеле – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/22 12:14 PM

Три дена жалост во Бразил за легендата Пеле

Бразил прогласи тридневна жалост поради смртта на фудбалската легенда Пеле, јави денеска порталот G1, повикувајќи се на декрет потпишан од бразилскиот претседател во заминување Жаир Болсонаро.

Погребната церемонија ќе почне в понеделник, на 2 јануари во 10 часот по локално време на стадионот на Сантос во Сао Паоло, каде почна кариерата на Пеле во 1956 година, јавуваат бразилските медиуми.

Телото на Едсон Арантес до Насименто Пеле ќе биде изложено 36 часа на теренот каде ќе може да му се одаде последна почит на трикратниот светски првак во репрезентацијата на Бразил.

Погребот ќе се одржи на 3 јануари.

Бразилските медиуми јавуваат дека раководството на Сантос и градските власти започнале со подготовки за погребот на Пеле неколку месеци пред неговата смрт, кога лекарите известија дека неговата здравствена состојба, по ланската операција на тумор на дебелото црево, се влошува.

Медиумите наведуваат дека подготвени се протоколи слични на оние кои беа на сила при смртта на британската кралица Елизабета.

По последното испраќање на легендарниот Пеле на стадионот на Сантос, поворката со телото во придружба на полицијата ќе мине низ улиците на пристанишниот град Сантос. Погребната поворка ќе мине и покрај куќата која сè уште живее мајката на Пеле, Селеста Арантес, која неодамна го прослави својот 100. роденден.

Пеле во вторник ќе биде погребан по негова желба на гробиштата Меморијал Некропола Екуменика, каде се погребани и неговите роднини и пријатели.

Погребот ќе биде затворен за јавноста и на него присуствуваат само членови на потесното семејство и блиски пријатели.