„Напред розово“ в недела во Градски парк за зголемена свест за борбата против рак на дојка – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/18 2:08 PM

„Напред розово“ в недела во Градски парк за зголемена свест за борбата против рак на дојка

На околу 1200 жени на годишно ниво, во Македонија им се дијагностицира рак на дојка. Свеста за оваа болест, месецов ќе се подигнува со низа активности кои ги организира невладиниот сектор. Дел од нив е и настанот „Напред розово“ кој се одржува задутре во Скопје.

Жените кои боледуваат од рак на дојка, за термин за мамографија чекаат и по неколку месеци – ова е еден од главните проблеми во домашниот здравствен систем со кој се соочуваат жените кои живеат со болеста која зема се’ поголем замав. Од невладиниот сектор велат дека терапиите се достапни, но со ресорното министерство и со Клиниката за онкологија се прават напори за изнаоѓање системско решение, со кое сета модерна терапија би била достапна и ставена на позитивната листа на лекови.

Дека раната дијагноза е клучен фактор за победа во борбата против ракот на дојка в недела ќе порачаат околу илјада граѓани кои ќе учествуваат во таканаречената розова прошетка, која Здружението Борка ја организира во Скопје. Оваа прошетка е дел од настанот „Напред розово“  чие десетто, јубилејно издание започнува во 11 часот пред Школка во градскиот парк.

Претседателката на ова Здружение, Биба Додева посочува дека свеста кај жените се зголемува, но борбата не запира:

„Колку успеваме да ја подигнеме свеста за борба против ракот на дојка покажуваат и бројките. Таа бројка изнесуваше 600 новодијагностицирани на годишно ниво, а годинава се над 1200 нови случаи откриени од рак на дојка. Нашата борба не запира, доколку успееме да поттикнеме барем една жена да отиде на преглед, нашата  мисија е исполнета. Свеста е зголемена, но треба уште да работиме на тоа, бидејќи ние како нација, како жени сме прво посветени на семејството, а потоа на крај се грижиме за сопственото здравје. Сакаме да ги поттикнеме жените да се грижат за сопственото здравје, бидејќи само ако тие се здрави, ќе може да се грижат за фамилијата. Нашата борба не престанува, се надевам дека секоја година ќе ги правиме овие едукации, за да може повеќе жени да добијат насоки каде да отидат на преглед и како да превенираат, како да ги препознаат симптомите“, вели Додева.

Според неа, борбата бара континуитет, независно од зголемената свест:

„Ракот предизвикува неизвесност, страв и паника. Жените најчесто избрзуваат со некои одлуки, или не знаат за насоки каде да ја проследат болеста. Затоа ние имаме СОС  телефонска линија која работи од 9 наутро до 9 навечер“.

Со оглед дека октомври е прогласен за светски месец на борбата против ракот на дојка, невладиниот сектор освен настанот во недела, ќе организира и едукации на оваа тема во триесетина училишта ширум Републикава, како и розов караван за пациентките и оние кои веќе се соочиле со таа болест. Најавена е и конференција со еминентни гости, со цел размена на искуства и заклучоци за тоа како да се надминат  проблемите во македонското здравство.