Поддршката за талентите почнува со нивно идентификување.
Со сет политики, мерки и активности се вреднува, стимулира и поттикнува трудот на надарените, креативни и талентирани ученици. Ваква порака испрати министерот за образование и наука, Јетон Шаќири на средбата со математичките гении Македон Димитровски и Или Морина. Тие се само дел од талентираните деца во домашниот образовен систем за чија поддршка беа најавени, но не и спроведени реформи.
Родителите на повеќе надарени ученици од Македонија реагираа дека не ја добиваат поддршката од МОН како најнадлежна институција за развојот на овие деца, па таа изостана и за средношколците кои државава ја претставија во најдобро светло во Колумбија.
Учениците Искра Нечаковска, Теона Ана Георгиевска, Даниел Христов и Михаил Шапчески се вратија со бронзени медали од Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2022), која се одржа во Богота од 2 до 12 декември, а покрај нив на ова натпреварување учествуваа и Марко Серафимовски и Олег Трајковски.
Амбициозноста и знаењето на овие деца сепак не биле доволни за тие да заминат на овој натпревар, бидејќи на патот кон Богота се испречиле финансиите, кои родителите ги обезбедиле сами, заедно со Друштвото на физичарите.
Како се стигнува до еден ваков натпревар? Колку државата им помага на децата кои се нејзини амбасадори во странство? Колку помага МОН, кое е надлежно за овие талентирани деца?
Ова се дел од темите на кои разговаравме со Даниел и неговата мајка Катерина Христова.
„Од Колумбија се вратив со одлични впечатоци, натпреварувањето беше три дена и се состоеше од тестови. Првиот ден имавме тест на заокружување, односно имавме прашања со четири понудени одговори од кои ние требаше да заокружиме само еден. Вториот ден имавме теоретски тест каде што требаше да ја прикажеме целата постапка на решавање и на третиот ден требаше да правиме експерименти, а потоа да одговараме на прашања поврзани со експериментот“, објаснува за ММС, Даниел.
Со успеси дома до меѓународни награди
Тој вели дека најинтересен му бил експериментот, па тој правел експеримент со растенија. Природните науки отсекогаш му биле пасија на овој млад штипјанец кој е ученик во Гимназијата „Славчо Стојменски“ во својот град, иако му била понудена стипендија и за некои од приватните средни училишта во Скопје.
Не случајно Даниел постигнал одлични успеси на државните натпревари по физика, хемија и биологија па така стигнал и до селекционите натпревари за оваа Олимпијада, кои ги организирале професорите од Природно-математичкиот факултет во Скопје.
За да може да се претстават во најдобро светло во Колумбија, Даниел и останатите средношколци оделе на подготовки кај професорите на ПМФ, па желбата за натпреварување уште во старт претставувала голем финансиски трошок. Честото одење до Скопје и назад било трошок за неговите, но и за родителите на другите деца надвор од Скопје.
„Самите професори не се платени за ова, тие ги подготвуваа децата на драга волја. Два пати неделно ги спремаа, а последната недела одеа секој ден од 8 сабајле до 17 попладне. Даниел го носевме во Скопје секој ден, па и тоа е голем трошок, а го покривавме од наш џеб“, вели Катерина.
Бизнисмените позаинтересирани од надлежните за поддршка на талентираните ученици
Кога завршиле селекционите натпревари професорите ги известиле родителите дека доколку недостигаат средства, нема да може да се натпреварува никој од тимот. Затоа тие се „впуштиле во акција“ и барале средства од приватни компании како спонзори, додека Агенцијата за млади и спорт дала по две просечни плати за учесниците.
-Ваквото натпреварување беше голем предизвик. Мојот сопруг во тој дел многу „трчаше“, се трудеше да обезбеди спонзорства. Значи не беше трудот само за нашето дете бидејќи беше свесен дека ако нема пари за некое од децата или професорите ние ќе ја испуштиме приликата. Најде спонзори односно приватни фирми кои уплатија пари на Друштвото на физичарите, професорот кој беше во Колумбија исто така обезбеди средства, најдов и јас некои фирми не само од Штип туку и од други градови – вели Катерина.
Агенцијата за млади и спорт дала по две просечни плати за пет од вкупно шест деца, бидејќи финансиската поддршка била за млади со навршени 15 години, а еден од средношколците имал 14 години. Во меѓувреме една од штипските конферекции отпечатила дуксери со натписот „Тим Македонија“ и кога сопственикот разбрал дека тие се наменети за талентирани деца не сакал да земе ниту денар.
„Агенцијата за млади и спорт добро е и тоа што го даде, децата беа на прием таму, им дадоа плакети и благодарници. Аплициравме да им дадат повторно по две просечни плати сега кога се вратија со успех, но луѓето рекоа дека немаат пари бидејќи е исцрпен фондот, но догодина кога ќе се прави распределба на буџетот ќе ги земат децата в предвид“, објасни Христова.
Само одењето на Даниел и неговата мајка за Колумбија чинело околу 6-7 илјади евра. Додека траеле подготовките тие морале да се организираат и на свој трошок да одат за Бугарија за да се вакцинираат против жолта треска, зашто таквата вакцина тука не им била достапна.
А каква била улогата на МОН во поддршката за овие трудољубиви ученици?
Катерина разочарано вели дека ресорното министерство останало глуво на барањето на професорите.
„Професорите конкурираа бидејќи има конкурс во МОН за ваков тип натпревари. Луѓето конкурираа како што треба, документот ми го покажаа, помина на комисија и имаа дозволено МОН да даде околу четири илјади евра, но за жал министерот не го потпиша тоа. Пари не дадоа, па не знам ни дали ќе им дадат сега, но секако би биле добредојдени доколку и други деца треба да одат на натпревари. Професорите наведоа колкава сума ни треба, тие одредија четири илјади евра, но министерот не го потпиша, не знам кој беше проблемот. Добро е и отпосле да им ги дадат парите за да си имаат некаков фонд за понатака“, смета мајката на Даниел.
Ова е негово прво учество на меѓународен натпревар, а за да се стигне до таму не е лесно. Ученикот вели дека освен што одел на подготовки кај професорите од ПМФ, секојдневно се подготвувал дома и сам лично по неколку часа. Слободното време кое ќе го има на распустот кој штотуку почнува, ќе му биде добредојдено за да ги надогради знаењата, но вели дека освен што ќе се обиде да научи нешто повеќе, ќе се потруди и повеќе да одмара.
Со оглед дека сѐ уште е ученик во прва година, тој не размислува каде ќе го продолжи високото образование и вели дека има доста време за да размисли.
Катерина пак, која е наставничка во едно од штипските основни училишта, вели дека овој успех на средношколците е доказ дека нашето образование е добро, но сепак државата треба да се заложи повеќе за поголем напредок на надарените деца кои знаат многу повеќе од материјалот кој се учи на редовната настава.
-Сите овие случувања околу натпреварот за мене беа стрес, бидејќи гледав колку напорно учи детето, не можеше ни тој да спие од возбуда. Кога бевме во Колумбија претставниците од другите земји рекоа дека нивните деца се подготвувале по четири години, некои по две. Тие оделе само во такви специјализирани училишта, па мене освен стрес ме фати и паника, си реков „леле, каде ние дојдовме“ – искрена е Катерина.
-Со професорите имавме заедничко мислење дека навистина беше јака конкуренцијата. Кога беше прогласувањето на крај сите чекавме во „грч“ и тимот и шесте деца. Кога кажаа дека награден е Даниел Христов моите емоции беа на „најјако пуштени“. Имавме знаме, почнавме да плачеме од среќа. Заборавив да го фотографирам, па на крај испаднаа матни сликите, но сепак имаме некаков спомен. Се исплатеше стресот бидејќи добро заврши сѐ – вели гордата мајка.
За својот син вели дека уште како помал се „двоел“ од другите деца и не бил заинтересиран да си игра со играчките.
„Сакаше умствени работи, решаваше сложувалки на тригодишна возраст, купувавме и едукативни игри, го интересираа интелектуални работи. За подарок роднините ни носеа енциклопедии, разбраа дека не сака играчки. Имаме многу книги дома, дури и мене ми се наоѓаат во работата. Инаку тој уште во основно одеше на натпревари, наставниците ги препознаа нивните афинитети “, објаснува Христова.
Всушност, тој уште минатата година се вброил во тимот за Олимпијадата по природни науки, но бил како резерва.
„Шест деца беа редовни, а четири резерва. Тој беше тогаш деветто оделение. Го носевме постојано за Скопје на подготовки и требаше да го знае материјалот до четврта година средно. Благодарение на тие часови сега му беше многу полесно“, додава Катерина.
Бидејќи и самата е просветен работник, ја прашавме што според неа, треба да направи МОН за да може надарените деца да редат уште поголеми успеси. Таа апелира да се направат програми паралелно со програмите за редовна настава и така да се усовршуваат овие деца бидејќи како што забележува, на нив не им е толку интересно тоа што се учи на часовите.
„Јас може да кажам дека талентираните деца ни се на маргините. Наставникот треба да го препознае талентот кај детето и без пари да го спрема, значи не се замараат сите наставници бидејќи не се платени, ниту пак МОН се замара. А треба. Нема секое дете финансиска можност да го спремаат на ПМФ. Многу деца ќе ни останат да тапкаат во место, а нивниот потенцијал нема да биде искористен“, децидна е Христова.
Веста за успехот на Даниел не остана незабележана од неговата општина, па градоначалникот Иван Јорданов му вети стипендија во траење од една година. Паралелно тој и пред медиумите најави ваучер од 20.000 денари, па овие ветени финансиски средства ќе бидат добредојдени во семејството Христови за дополнителна подготовка на нивниот талентиран син.
Сепак, рамнодушноста на Министерството можеби и не изненадува бидејќи и онака во редовната настава или недостигаат учебници или и тие што ги има изобилуваат со грешки поради кои децата не можат да добијат соодветно знаење. Насочувањето на талентите е оставено на волјата на децата и родителите, но и на нивните финансии кои не секогаш се доволни. За поголема ажурност претходно апелираа и други родители на децата кои се како наш бренд во светот, а дека образованието треба да биде приоритет во општеството во интервју за ММС, порача и лидерот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ.
Вања Мицевска