До денес нема ниту еден пациент повреден од петарда, изјави д-р Софија Пејкова, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, на денешната средба со новинарите.
Таа нагласи дека од 19-ти овој месец, заклучно со денес во 28 градови, односно во 71 училиште едуцирани се над 10.000 ученици за опасностите што ги предизвикува употребата на петардите.
-Кампањата почна во 2018 година, кога беа опфатени деца од осмо и деветто одделение. Имавме мала пауза поради пандемијата, кога не можевме да одиме по училиштата и затоа оваа година се вративме во училниците, но овој пат за обука на средношколците од прва година. Преку децата сакавме да влијаеме и на родителите, бидејќи во голем дел овие проблеми зависат токму од нив. Кампањата сметам дека вроди со плот, токму поради тоа што до денес имаме нула пациент повреден со петарда, а се надеваме дека така и ќе завршат празниците, додаде директорката.
Доказ за тоа дека кампањата допре до тие за кои е наменета е и одговорот на прашалникот по завршување на предавањата. Дури 80 проценти од децата одговориле потврдно дека научиле нешто ново, 80 проценти рекле и дека нема никогаш повеќе да користат петарди, 90 проценти рекле дека оваа порака ќе ја пренесат на други деца, додека 95 проценти рекле дека токму од кампањата увиделе колку е потребно да ги чуваат рацете од повреди.