Зарем никој не сака да биде претседател на суд?! – По само еден кандидат се јавил на огласите – ММС
ММС

Објавено на: 12/29/22 1:21 PM

Зарем никој не сака да биде претседател на суд?! – По само еден кандидат се јавил на огласите

Снема струја и привремено ја прекина седницата на Судскиот совет, на чиј дневен ред доминираат изборите на судии и претседатели на судови на распишаните јавни огласи. Некои од огласите се стари со месеци.

Во првиот дел од седницата, избрани се тројца претседатели на судови и тоа – Иван Џолев, кој доби втор претседателски мандат, Емет Кранли – Али ќе го води ресенскиот Основен суд, додека кочанската судијка Сузана Спасова, е избрана за претседател на ОС Виница. На сите јавни огласи се јавил по само еден кандидат.

Изборот на претседател на Основниот суд од Тетово е одложен. На дневен ред на денешната седница се и изборите за претседател на судовите во Берово и Куманово.

Во продолжение се и изборите на повеќе судии и тоа во Врховниот суд, Апелациските судови во Скопје и Гостивар,  во Кривичниот суд, во Основниот суд во Штип.

Некои од огласите се од поодамна, како тој за избор на еден судија во Основниот суд во Штип. Додека да се избере нов судија, Судот остана без уште тројца, кои оваа година заминаа по пензионирањето и уште еден минатата година.

Според информациите од штипскиот Основен суд, во моментот заедно со претседателот работат само 11 судии, и еден чие место е во мирување додека е член на Судскиот совет.