Ќерките и синовите од Италија, Германија и Америка водат сметка за своите стари родители – Старечките домови само во плановите на властите – ММС
ММС

Објавено на: 12/29/22 1:47 PM

Ќерките и синовите од Италија, Германија и Америка водат сметка за своите стари родители – Старечките домови само во плановите на властите

Детски градинки или старечки домови? Програмите  и стратегиите што се подготвуваат во континуитет, предност им даваат на младите, барем на хартија. Но реалноста е поинаква ги нема ни едните ни другите.

Во Источна Македонија постои само еден Старечки дом, тој  во Берово а како што стојат работите ќе биде единствен уште долго време. Изградбата на Домот за Стари лица на  штипското Здружение на пензионери, веќе шест години е во прекин, ништо ни од Домот во Кочани- најавените средства се пренаменети, а постапката за изградба на Домот во Пробиштип, допрва треба да стартува. Во овој дел од земјава, нема ниту приватен дом за стари лица. Според  податоците од ДЗС во Источно планскиот регион 16,8 % од населението е над 65 години, до 14 години 13,6%.

Во старскиот дом во Берово, 104 лица на листата на чекање

Дека проблемот е голем а интересот уште поголем зборува и листата на чекање за сместување во домот. Во моментов во овој дом се згрижени 39 лица, а на листата на чекање се испишани 104 лица.

-Во тек е доградбата на нова ламела, која што ќе овозможи згрижување на уште 28 лица. Со тоа овој дом ќе добие статус на дом од среден обем. Станува збор за заедничка инвестиција на Министерството за труд и социјална политика, Источно-планскиот регион и општина Берово“, вели директорката Живка Каламадевска.

Во моментов месечниот престој на старите лица е 18.000 денари, но од јануари ќе биде 20.000.

Засега нема ништо од изградбата на Дом за стари лица во Кочани

„Ве известуваме дека предвидените средства кои Министерството за труд и социјална политика требаше да ги намени за изградба на Дом за стари лица во Кочани се тргнати од Програмата за 2022 година и истите средства ќе бидат пренаменети за потребите на друга општина,“ ваков одговор добила Општина Кочани од Министерството за труд и социјална политика. Образложение нема.

Образложија од  Општина Кочани

„И покрај корекциите на сите забелешки кои ги имаше Министерството за труд и социјална политика, и покрај сите напори и потрошени финансиски средства од страна на Општина Кочани, МТСП продолжија со забелешките, од кои последната беше измена на планот, односно да се намали габаритот на објектот како и капацитетот на домот од 148 лица на 50 лица, на кое Општина Кочани и Здружението на пензионери не се согласија,“ се вели во информацијата.

На бројни измени и корекции беше подложена и проектната документација за изградба на старечки дом и во Пробиштип, образложи градоначалникот на Општина Пробиштип.

-Изградбата на Дом за стари лица имаше застој во самата проектна документација. Со оглед на тоа што се утврдија неколку недостатоци  мораше самиот проект да претрпи измени. Веќе се доставени до МТСП, кое ќе го финансира овој проект. Се очекува веднаш по усвојувањето на планот, по празниците да стартува тендерската постапка. Се надевам дека во месец февруари ќе се потпише договорот и за неколку месеци ќе се комплетира целиот објект и граѓаните на Пробиштип ќе го добијат најсовремен дом за стари лица,“ образложи Анастасов.

Зелено светло за изградба на Дом за стари лица е дадено пред две години. Објектот е со површина од 2000 метри квадратни и во него ќе треба да се згрижат 54 лица, а за негова изградба предвидени се 55 милиони денари.

На приказната за Старскиот дом во Штип засега не и’ се гледа крајот

Засега нема ниту волја, ниту услови повторно на гласање да се стави новиот закон за легализација на дивоградбите, велат од Министерството за транспорт и врски.

Од овој закон зависи, дали ќе продолжи изградбата на Домот за стари лица во Штип. Здружението на пензионери кој што е инвеститор, го чека одобрувањето за легализација, дотогаш се останува  status quo. Во меѓувреме, вели претседателот на Здружението, Ристо Недков, се барат и некои други алтернативи за откочување на работите.

Изградбата на овој дом започна во 2014 година, откако претходно Министерството за одбрана, го даде објект-ресторанот лоциран на самиот влез на касарната „Јане Сандански на општината, а таа му го отстапи на трајно користење на штипското Здружение на пензионери.

Градбата на домот требаше да се одвива во две фази, првата предвидуваше санирање и реконструирање и втората фаза да се догради. По завршување на првата фаза, се почна со втората и беа изградени 4 ката, за кои подоцна со увид од страна на градежен инспектор, констатирано е дека градбата излегува надвор од тоа што е дозволено, согласно документацијата и проектот, па во 2016 година, градежните работи се стопирани. Единствен начин градежните работи да продолжат е донесување на новиот закон за легализација.

„ Иако имаше обиди со речиси сите можни релевантни фактори работите да се помрднат од мртва точка, досега останаа безуспешни. Го понудивме и за време на ковид кризата на Министерството за здравство, да се адаптира за модуларна болница, но бевме одбиени со образложение дека простор имало, немало персонал,“ вели Недков.

Размислуваме, додава Недков, објектот да го вратиме повторно во владение на Владата, па таа во рамките на своите ингеренции да ја турка работата, но засега нема волја да се направи такво нешто.

„Потребата за изградба на старски дом, којшто според планот требаше да згрижи околу 100 корисници е повеќе од потребна, посебно во услови кога во целиот регион функционира само еден Старски дом. Во моментов  постоечкиот Пензионерски дом во Штип располага со седум гарсониери во кои се сместени осум пензионери, а Здружението на инвалиди располага со пет гарсониери,“ образложи Недков.

Тој додава дека не се откажуваат од финализирање на домот, без разлика кога и да се случи тоа. Досега се потрошени 400.000 евра сопствени средства. Имаат уште средства кои што ќе бидат доволни за објектот да се затвори со прозорци и врати и дел од инсталацијата, а за потоа ќе се бараат кредити, грантови.

Младите ја напуштаат земјата

Иако за проблемите кои што ни се далечни , си велиме дека за нив ќе размислуваме кога за тоа ќе дојде време, времето си доаѓа многу бргу.

Постојано се зголемува бројот на возрасни лица коишто не можат сами да се грижат за себе, или се болни или останале тука а нивните семејства заминале низ разни делови низ светот. Колку и да се грижи државата , сето тоа е недоволно посебно кога нема капацитети за тоа.

Во моментов во државата има вкупно 35 државни и приватни старечки домови, 30% од нив се државни, 70% приватни. Во државните, цената за месечен претстој беше 18.000 денари од јануари 2023, 20.000 денари, во приватните цената  е над 30.000 денари.

Се поставува прашањето, колку од македонските пензионери може да си дозволи државен дом, а да не зборуваме приватен.

Во Источно планскиот регион според последниот попис има 174.341 жители, 16,8 % е население над 65 години, до 14 години 13, 6 % .Коефициентот на старосна зависност е 43,7 %.  Коефициентот на старосната зависност е сооднос меѓу вкупниот број на лица кои се на возраст кога главно се економски неактивни (65 и повеќе години) и бројот на лица на работоспособна возраст.

Бројките доволно зборуваат за реалната состојба и за дилемата- градинки, училишта, студентски  или старечки домови?

Весна Крстева