Денес се ученици, утре се стручњаци – Зошто средношколците од „Ѓорче Петров“ од Кавадарци се деца за почит – ММС
ММС

Објавено на: 12/29/22 9:09 AM

Денес се ученици, утре се стручњаци – Зошто средношколците од „Ѓорче Петров“ од Кавадарци се деца за почит

Речиси седум децении Средното општинско земјоделско-шумарско училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци придонесува Тиквешкиот регион да го задржи приматот на колевка на лозарството и винарството.

Во овој крај на Македонија овие две стопански гранки отсекогаш биле примарни за луѓето, кои со својата умешност за правење вино успеале да создадат и мали бизниси преку отворање винарии. Во Кавадарци и околните општини има бројни винарии, а една од нив е ни помалку ни повеќе, во сопственост на Земјоделско шумарското училиште „Ѓорче Петров“, во кое младите стекнуваат знаења со кои ја продолжуваат традицијата, па токму преку производството на вино овозможуваат егзистенција за своите семејства. 

Во време кога основците најчесто продолжуваат со гимназиско или стручно медицинско образование, сепак има и ученици кои му пркосат на општото мислење дека младите не сакаат да се занимаваат со работи на нива или пак, на лозје. Овие ученици со своите професори сами одгледуваат грозје и преку пракса учат кое годишно доба каква улога има во процесот на создавање вино.

Токму ова ни беше повод за разговор со директорката на СОЗШУ „Ѓорче Петров“, Ратка Росомански која претходно и самата била професорка, па раскажа како изгледа наставата надвор од училишната зграда.

-Не случајно ова училиште е основано во Кавадарци, бидејќи ние сме земјоделски регион и имаме и шуми.  Училиштето располага со 350 хектари шума односно со наставно научниот објект за теренска настава „Михајлово“ и имаме школска економија околу 20 хектари. Сето ова има големо значење за самиот регион, за градот, бидејќи децата тука се едуцираат за понатамошен развој на винарството и шумарството – вели Росомански.

Производство на вино од сопствена винова лоза од вештите раце на учениците и нивните професори

Таа нагласува дека во земјава има десетина средни стручни земјоделски училишта, но само во нивното се произведува вино од сопствена винова лоза, а покрај тоа се единствени со шумарска насока.

Винаријата на училиштето е мала и скромна, вели Росомански, но доволна за учениците таму да добијат знаења кои ќе им бидат корисни по матурирањето.

„Покрај виновите насади имаме и винарија која е скромна и мала, таму учениците и нивните ментори изготвуваат вино. Винаријата не е регистрирана, наменета е само за школска употреба. Можеме да се пофалиме дека оваа година добивме прва награда за црвено вранец вино. Склучивме меморандум со македонските енолози, тие го тестираа квалитетот на виното и добивме прва награда“, додава директорката.

Виното кое го прават учениците под менторство на нивните професори, го користат за промоција на самото училиште, а неретко им го даваат и на фирмите каде што одат на пракса. Во моментов не можат да го дадат на продажба бидејќи законот тоа не го дозволува, па се надеваат дека ќе има промена во Законот за млади винарии, со што училишната винарија ќе може да се регистрира, а виното да се продава.

„Учениците, со промената на наставните програми кои имаат нови модули, практичната настава задолжително ја изведуваат кај работодавачи. Имаме склучено договор со неколку фирми, а одат и на нашиот имот и го учат целиот процес од кроење па сѐ до самата берба. Овие ученици одат на пракса во винарии и дестилерии, но имаме и насока по фитомедицина па тие ученици одат на пракса во земјоделските аптеки. Тие од фармација одат на пракса во аптеките,  учениците од шумарската струка одат во Македонски шуми, додека тие од пејсажна архитектура одат на пракса во расадници“, раскажува Росомански.

Неизбежно беше да ја прашаме какви сорти на грозје одгледуваат и дали ваквото образование им овозможува на учениците да се запознаат со современите телнологии во производството на овој пијалок:

„Имаме мерлот, вранец,  ркцатели и жилавка, а годинава децата изработија и special selection, чие име „бисерна капка“ го одбравме заедно. Тоа е ново вино, а имаме и смедеревка, картошија…“, потенцира директорката.

Таа вели дека модерните технологии во практичната настава се вметнати толку колку што дозволуваат финансиите, а до нив училишниот тим се труди да дојде преку повеќе механизми.

„Колку што можеме финансиски ги следиме и сега бараме неколку проекти кои се надеваме дека ќе ни ги одобрат за да набавиме машини и да го осовремениме производството на вино и на ракија. Ние имаме донации, грантови, општината нѐ финансира, а аплицираме и за различни проекти“, објаснува нашата соговорничка.

Според неа, пандемијата и антиковид мерките значително се одразиле врз наставниот процес бидејќи како што вели, тешко е преку предавање на комппјутер да им го задржите вниманието на децата. Тие сакаат да се активни, да се анимирани, постојано да им се дава нешто ново за да им се задржи концентрацијата.

Токму поради тоа, средношколците се на лозје преку текот на целата година и точно знаат кој дел од производството на кое годишно време соодветствува.

„Практичната настава се одвива во текот на целата година согласно временските услови. Во зимскиот период се знае што се прави – одржувањето на виното, есента се врши берба…Во секоја сезона си има посебен дел. Практичната настава е испланирана со наставните програми, а летниот период имаат и пракса во фирми“, додава таа.

Куќа со апартмани, расадник, оранжерија…Имотот на училиштето ја прави практичната настава најинтересна за учениците

За разлика од учениците кои имаат винарија, тие од шумарската индустрија пак имаат куќа со апартмани во Михајлово, па образовните „авантури“ тука никогаш не завршуваат.

„Децата пак, кои се шумарски техничари одат во Михајлово и таму ја изведуваат својата практична настава, од мерка до дотур, до превоз на дрвна маса и така натаму. Имаме и куќа во Михајлово и најчесто во пролетните денови децата одат таму во сопствената куќа по неколку дена и извршуваат практична настава. Таму одат со професорите и според својата програма секој професор си планира што ќе се прави во текот на тие денови во кои се таму, дали ќе имаат мерка на дрвна маса, дали ќе одбележуваат, ќе прават сеча, пресек, засек…сѐ што изучуваат теоретски таму практично го применуваат. Понекогаш остануваат и на спиење, понекогаш сѐ на еден ден. Куќата е опремена и има апартмани и таа е во сопственост на училиштето“, потенцира Росомански.

Искуството покажало дека на учениците најинтересна им е практичната настава, па токму и неа ја ставаат во фокусот кога го презентираат училиштето пред учениците од деветто одделение. Во зависност од струката, средношколците од „Ѓорче Петров“ може практичните знаења да ги стекнат и во расадник, или пак во лабараторија.

„Ние покрај виновите лози, имаме и расадник којшто е регистриран. Потоа имаме цвеќара, пластеник, оранжерија. Таму децата произведуваат од семе па до цвеќе, дрво, декоративни дрвни видови, цветен материјал, цветни аранжмани“, додава Росомански.

Високото образование не е пресудно да се најде работа, младите сѐ позаинтересирани за средно стручно образование

Изненадувачки е,  вели таа,  дека интересот за сите овие струки расте од година во година, бидејќи расте свеста оти и без факултет и само со средно стручно образование може да се најде добра работа. Дел од учениците всушност, се вработуваат во фирмите каде што претходно оделе на пракса.

„Сега имаме околу 120 ученици. Претходно беше малку послаб интересот, но сега е поголем бидејќи сѐ повеќе се акцентира тоа дека учениците со средно стручно образование можат полесно да се вработат. Најголем интерес имаме за фармацевтската струка и таму бројот е целосно исполнет. Нашите ученици се конкурентни на пазарот на труд и тие може веднаш да се вработат бидејќи веќе се стручни лица“, посочува директорката.

Вели дека најголем е интересот за фармацевтската струка, каде учениците стекнуваат практични знаења во лабараторија. Таму тие со своите професори изработуваат масти, лабела, сапуни и слично.

„Не можеме да се пожалиме ни во однос на интересот за пејсажната архитектура и сега има сѐ повеќе интерес и кај фитомедицината. Можностите за вработување се големи бидејќи учениците од пејсажна архитектура може да отворат сопствени расадници, цвеќарници, да уредуваат паркови и дворови, може да работат како шумска полиција… Фитомедицината пак, е интересна бидејќи се става акцент на начинот на органско производство, тоа е доста значајно и сега со закон задолжително се бараат фитосанитарни инспектори кои го одредуваат квалитетот на производот“, објаснува директорката.

Посета на ученици од Шведска

Учениците покрај пејсажната архитектура, се стекнуваат со знаења и за ентериерно уредување, а тоа привлекува ученици и од градовите од источниот дел на државата.

„Во шумарската струка имаме доста деца од други градови, како на пример од Берово, Пехчево и други од источниот дел каде родителите се занимаваат со дрвната индустирја, па тие ученици престојуваат во интернатот кој се наоѓа веднаш до училиштето. Ние имаме и дрвна индустрија и тие ученици прават резбарски материјали, проектирање на внатрешен дел…покрај пејсажната архитектура тие уредуваат и ентериер. Имаме многу да понудиме“, смета Росомански.

Учениците кои го изучуваат производството на вино пак, неслучајно се одлучуваат за овој тип образование бидејќи доаѓаат од семејства со винарии, па така тие го наследуваат семејниот бизнис.

По тешкиот период на ресктрикции поради коронавирусот, учениците од средното стручно образование конечно може да здивнат, а со нив и професорите, па практично на терен да го совладаат сето она што како теорија го изучуваат од своите учебници.

„Денеска ученик, утре стручњак“ е мотото под кое се води тимот на Училиштето „Ѓорче Петров“ кое е само еден пример за значајноста на дуалното образование во земјава, кое беше воведено како германски модел на едукација со кој се создава поврзаност меѓу работодавачите и учениците.

 

Вања Мицевска