Македонија е најлошо рангирана земја во регионот за правата на ЛГБТИ заедницата. Стравот од последици ако пријават дискриминација се уште постои, како и оние кои воопшто немаат доверба во институциите. Наспроти овие статистики, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска тврди дека во изминатата една година направен е светлосен чекор во законските решенија за правно признавање на родот.
„Ние како Македонија знаете дека подготвивме заедно со граѓанскиот сектор Закон за недискриминација, кој што навистина дава една основа како понатаму ќе треба Македонија да се однесува кон дискриминацијата и како институциите ќе се подготват да одговорат на потребите и барањата на сите граѓани. Во една година направивме светлосен скок ќе кажам, затоа што прво ја ратификувавме Истанбулската конвеција тоа е првиот чекор кој што препознава род како концепт, од една страна но од друга страна поднесовме до Парламентот како Влада закон за недискриминација кој што навистина беше поздравен од Обединети нации системот и од Венецијанската комисија и од Европската комисија“, изјави Мила Царовска.
Законот за недискриминација кој веќе е доставен до Собранието, укажува на тоа дека дискриминација не смее да постои во целиот систем и хоризонтално и вертикално, вели Царовска.
„Институциите и граѓаните помеѓу себе и медиумите не смеат да поставуваат дискриминација и тоа е големата слика.Но за прв пат во овој закон препознаваме родов идентитет, што значи нема да може да дискриминирате врз основа на родов идентитет или пак сексуална определба, и тоа е многу важно затоа што досега тоа никаде не беше препознаено. Имаше еден дел кој што викаше „и други основи“, но под други основи може некој ќе го препознае родовиот идентитет зависно од капацитетот на комисијата или да не го препозне. И досега многу ретко го препознаваа. Токму затоа велиме експлицитно треба да биде поставена секоја форма која што досега сме ја увиделе и тоа биде затворено како прашање, и токму тоа го поставивме во законот“, додава Царовска.
Со оглед на моменталната политичка ситуација, Царовска не дава прогнози за тоа кога Законот за недискриминација би бил усвоен од Собранието.
„Јас очекував да биде изгласан до крај на месец октомври или почеток на ноември, но со оглед на политичката ситуација јас не би прогнозирала во моментов“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Според спроведената анкета од страна на коалицијата „Маргина“ минатата година, 8 од испитаните пратеници немаат никаков проблем да се појават на парада на гордоста. Владите од Западен Балкан со Владата на Република Македонија обврзани се да работат за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата – вели Билјана Гинова, од органзанизацијата ЕРА.
„ЕРА како мрежа која ја организира Првата регионална конференција за правата на ЛГБТИ во Западен Балкан, е основата пред три години, на 15 –ти септември славевме трет роденден. Од првата конференција што ја организиравме имавме идеја покрај невладините организации кои работат на прашања за ЛГБТИ е да се среќаваат и Владите на за време на оваа конференција и започнавме со формирање на Интер – регионална владина група. Министерката, Мила Царовска беше присутна пред две години на конференција, но тогаш како претставничка на опозицијата. Денеска сме среќни што министерката е домаќин на таков министерски состанок. Она што излезе како заклучок од тој состанок, зошто ние како ЛГБТИ активисти сме многу среќни е тоа што владините претставници се обврзаа дека ќе работат на унапредување на правата на ЛГБТИ и луѓето, се обврзаа дека ќе ја структурираат малку подобро интервладината регионална група со што од оваа година ќе има претседателство, и веќе следната година ќе може да се пофалиме дека сега претседателството го превзема Македонија. Односно Министерството за труд и социјална политика ќе биде лидер во партнерство со останати актери, кои сега не можеме да ги спомнеме затоа што не сме се сретнале со нив лично, но тоа е важен исчекор. Трет заклучок е дека владите се обврзуваат да соработуваат со невладините организации, во носење на подобри и спроведување на нови закони, но и на менување на општетствената клима за подобро разбирање и прифаќање на ЛГБТИ заедницата. И тоа е голем успех, со оглед на тоа што пред две години клучниот извор на хомофобија и трансфобија во Македонија беше самата држава“, изјави Билјана Гинова, од организацијата ЕРА.
Образованието, правното признавање на родот и регионалната соработка се трите главни теми на Првата регионална конференција за правата на ЛГБТИ во Западен Балкан која започна на 3 ти Октомври во Скопје, а завршува на 6 ти, в сабота.
„Мотото на годинешната конференција гласи „Наспроти се иднината е нашата“, и тоа накратко го опишува патот кој ние го изодевме. И, навистина наспроти сите очекувања ЛГБТИ заедницата покажа дека е спремна да се бори не само за сопствените права туку и за демократизација во општеството во кое што и ние сме активни чинители. Конференцијата ја фокусиравме на три теми кои што сметаме дека се исклучително важни како за Македонија така и за регионот. Првата тема е образованието, силно вреуваме дека секое дете има право да биде безбедно и еднакво во училиште, втората тема е правното признавање на родот односно правата на трансродовите луѓе и третата тема е регионалната соработка како една важна платформа. Регионот се соочува со многу слични предизвици во однос на почитувањето на човековите права на ЛГБТИ заедницата и во таа смисла ние како регион можеме да бидеме голема поддршка едни на други на тој пат кон демократизација на нашите држави, регионот и општетсвото“, додаде Ирена Цветковиќ од коалицијата „Маргина“.
Според последната спроведена анкета 83% од ЛГБТИ припадниците не се задоволни од третманот на институциите, 33% се плашат од последици ако пријават дикриминација, а 45% немаат воопшто доверба во институциите. Од вкупно 49 земји, Македонија се наоѓа на 41 то место во Европа, во однос на донесување и спроведување права на ЛГБТИ заедницата.