Четиригодишно момче од Владичин Хан, рано утринава починало откако вчера проголтало предмет во градинката. Лекарите во болницата во Сурдулица успеале да го реанимираат и да го вратат во живот, а потоа е префрлено во Медицинскиот центар Ниш, каде ја загубило битката за живот, неофицијално дознава српски Курир.
– Детето е однесено од Владичин Хан во Сурдулица, на пат до таму и при приемот во болница се уште дишело, но веднаш престанало да дише, настанал срцев застој. Со реанимација успеале да му го вратат срцето, а потоа го интубиле на респиратор и го транспортирале во Универзитетскиот медицински центар Ниш – вели извор за Курир.
Во Универзитетската болница во Ниш, специјалисти за ОРЛ успеале да го отстранат туѓото тело од неговиот дишник.
– Момчето го голтнало и аспирирало туѓото тело, поради што тоа останало во душникот и не влегувало во желудникот или хранопроводникот, како што се случува кога ќе голтнете нешто. Детето најверојатно се задавило кога го ставило тој предмет во уста, па го вовлекол во душникот, во дишните патишта. А дишникот кај децата е мал и поради туѓото тело веројатно бил целосно затворен и воздухот не можел да помине во белите дробови. Детето не можело да дише и срцето застанало. Но, иако бил реанимиран, мозокот долго време страдал, не добивал кислород и затоа настанале неповратни оштетувања на мозокот. Иако лекарите во Ниш го извадиле туѓото тело и го ослободиле дишните патишта, момчето веќе било мозочно мртво и починало во четири и пол часот наутро – вели изворот на Курир.
Засега не се познати сите детали како се случила трагедијата во Владичин Хан, кога во понеделникот четиригодишно момче проголтало најверојатно желад од новогодишната елка.
Вистинска драма вчера се одвивала во градинката, велат очевидци на овој настан.
– Брзата помош пристигна под сирени. Лекарите и медицинските сестри втрчаа внатре. Тие истрчаа носејќи го момчето кое веќе беше без свест. Го носеа како маче, му паднаа рацете и нозете. Го одвезоа со голема брзина и со сирени – вели еден од очевидците, за српски Информер.