Нова кражба во Тиквешијата: Украден е еден тон нафта од товарни возила и машини – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/18 12:49 PM

Нова кражба во Тиквешијата: Украден е еден тон нафта од товарни возила и машини

Зачестија кражбите во Тиквешијата, за неполна недела крадците влегле во Специјалниот завод во Демир Капија, а најновите кражби на гориво се во Кавадарци и Росоман – информира портпаролот на СВР Велес Верољуб Додевски.

– На ден 04.10.2018 год. во ПС ОН Кавадарци се пријавени кражби на готиво од седум товарни моторни возила и неколку градежни машини паркирани на улиците „Северен булевар“, „Западен булевар“ и „Ведое Смилевски – Бато“ во Кавадарци и во нас.Росоман, при што, е украдено повеќе од еден тон нафта. Се преземаат мерки за расчистување на случаите, информира Додевски.

Се претпоставува дека кражбите во овие случаи се случиле изминативе неколку дена. Според добрите познавачи на состојбите, крадците работат организирано во групи, претходно набљудувајќи ја состојбата за потоа да преминат и на дело. Инаку пред само три дена полицијата информира за кражба во Специјалниот завод во Демир Капија која  била пријавена на 28 минатиот месец. Според писмената пријава од институцијата, маслото за греење било одземено во периодот од 19 до 28 минатиот месец, од просторијата каде што се сместени котлите за парно греење и резервоарите.

Во Тиквешијата крадците не мируваат, лани овој период на мета на крадците беше нафта од помошните простории на граѓаните, во полициската станица беше пријавена кражба на околу 30 тегли ајвар, се крадат и метални колци од лозјата. Во Кавадарци е регистрирана и кражба на ореви, каде досетливиот крадец од три семејства успеал да украде дури 19 вреќи со ореви.

Од отсекот за превенција апелираат до граѓаните да помогнат за намалување на кражбите или пак, доколку  забележат нешто сомнително во својата околина веднаш да повикаат полиција.

 

Билјана Тошевски