По 16 години заеднички живот и две деца тајно се венчале Наум и Зуица – Љубов како во Холивуд – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/22 9:01 AM

По 16 години заеднички живот и две деца тајно се венчале Наум и Зуица – Љубов како во Холивуд

Пејачите Наум Петрески и Зуица Лазова, по 16 години заднички живот и две деца, тајно склопиле граѓански брак, а потоа и се венчале, ексклузивно дознава ММС.

Ова се случило пред шест месеци, но Зуица и Наум не сакале јавноста да знае, а тоа им го кажале и на најблиските, кои биле гости на двете брачни церемонии, во матично и во црква.

 

Кога го дознавме тајното холивудско венчавање, каква што им е и љубовта,  се обративме до младенците, но и едниот и другиот освен што ни потврдија дека е точно, рекоа дека детали нема да раскажат. ММС им побара и фотографии, но и двајцата рекоа дека немаат, „нешто се случило со апаратот“.

Според наши извори венчавката се случила летото, во јули, но она што е интересное е што набргу потоа Зуица настапи на фестивалот „Охрид фест“, а на сцената се појавила со венчалниот фустан.

Зуица и Наум живеат заедно 16 години, имаат две деца, Македонка (20) и Стефан (14) , но дури годинава решиле да ја овековечат и озаконат љубовта.

Извори на ММС, а блиски на Наум и Зуица, ни раскажаа дека тие најпрво склучиле граѓански брак во Скопје, но десетина дена подоцна се венчале во Охрид, поточно во Свети Наум, а ги венчал отец Нектариј.

Најголеми инцијатори за венчавката биле нивните пријатели од Австралија Тони и Васе, кои им биле и кумови и летото специјално пристигнале во Македонија по овој повод.

-На Зуица и Наум не многу важен потписот, тоа се гледа сите овие години, но на последната заедничка турнеја низ Австралија, таа идеја им ја дале пријателите и им ветиле дека кога ќе дојдат во Македонија тие ќе им бидат кумови. Така и се случи, вели нашиот извор.

На Зуица и Наум им било предложено да направат и голема свадба, но тие не се сложиле.

-Веднаш по венчавањето имаше мала забава во ресторан, се сечеше торта, а Наум и Зуица, на инсистирање на гостите, направија и неколку свадбени обичаи. Па тие и венчавката ја направија на иницијатива на нивни блиски. Хартијата не менува ништо, важна е љубовта. А тие и без потпис се толку време заедно, имаат две прекрасни деца, а си направија и куќа во Скопје,  вели нашиот извор, од кого ги добивме и фотографиите.

Весна Миленковска