Загрижен сум за АНБ, таму мора да има ред, професионализам и да биде вистински чувар на државата, рече Пренџов – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/22 4:21 PM

Загрижен сум за АНБ, таму мора да има ред, професионализам и да биде вистински чувар на државата, рече Пренџов

Со оглед на доверливоста на информациите, од Агенцијата за национална безбедност не информираа за определени системски пропусти и со дел од законските решенија во врска со случајот Онишченко.

Добивме еден редослед на тоа што се случувало, од објавувањето од страна на медиумите се до денеска, изјави денеска претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Љупчо Пренџов по завршување на седницата.

Тој напомена дека првата седница на Комисијата за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање била поврзана со прашањето на Онишченко, а втората за информацијата која што како опозиција ја побарале од страна на АНБ, за тоа што Агенцијата презела во врска со дојавите за бомби во училиштата и јавните објекти.

-Во однос на случајот со Онишченко, денеска се појави директорот на АНБ, кој пред неколку дена се извини што претходно не можел да присуствува. Во нормална демократија, пратениците прашуваат, а директорите одговараат. Како членка на НАТО, транспарентноста кон народните избраници мора да биде на ниво и тоа не прави да бидеме демократска држава. Таа седница беше затворена на степен на државна тајна, највисок степен на доверливост, изјави Пренџов.

Тој потенцираше дека од страна на директорот на Агенцијата на седницата биле презентирани определени активности што ги имала Агенцијата изминатиот период, односно од период кога новинарите ја открија аферата со Онишченко.

-Генерално, добивме определени информации. Како претседател на на Комисијата, загрижен сум за тоа што АНБ, а и претходно со други имиња континуирано ги полни насловите на медиумите со негативности и сметам дека конечно мора да ставиме крај на тоа. Конечно таму мора да има ред, професионализам и да биде вистински чувар на државата, рече Пренџов.

Тој додаде дека информациите што ги добиле денеска ќе бидат доставени набрзо до Владата.

Новиот директор на АНБ Зарко Милошевски денеска по завршување на седницата рече дека ги образложил фактите и документите пред Комисијата за овој случај, но дека не може да даде повеќе информации.

-Јас ја исполнив својата законска обврска да реферирам по однос на случајот Онишленко пред Комисијата. Детално ги образложив фактите и докуменитте кои беа презентирани пред Комисијата. Со оглед на тоа што се работеше за сензитивна материја од строго доверлив карактер, не можам да дадам повеќе информации, изјави Милошевски.

Инаку, украинскиот државјанин Онишченко кој се наоѓа на „црната листа“ на САД, доби македонско државјанство. Владата по објавувањето на аферата, ја поништи одлуката за доделување на државјанство.

Покрај случајот Онишченко, денеска на посебна седница членовите на собраниската Комисија беа информирани и за дојавите за бомби во училиштата и во јавните објекти.