Знаете ли дека се организира дочек за Нова Година на плоштад и кој ќе пее? Град Скопје подготвува забава и молчи! – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/22 11:35 AM

Знаете ли дека се организира дочек за Нова Година на плоштад и кој ќе пее? Град Скопје подготвува забава и молчи!

Знаете ли дека на плоштадот „Македонија“ во Скопје се одрганизира дочек на Новата 2023 година?

Знаат можеби неколкумина, но не и тие за кои е наменета – публиката, која треба да дојде и да се забавува, бидејќи тие се причината за оваа организација. Но, според кусите написи во само неколку медиуми и молчењето на Град Скопје, за оваа новогодишна журка ништо повеќе не се знае иако до новогодишната ноќ нѐ делат неколку дена.

По информацијата од неколку пејачи дека ќе настапат на плоштадот во Скопје за Нова Година, ММС тргна во потрага по комплетната организација и видот на забава, за да знаат скопјани каква забава ги очекува.

ММС дојде до Здружението на естрадните уметници. Претседателот Горјан Стојановски вели дека од агенцијата „Про саунд“  му се обратиле нему и тој бил задолжен да го состави списокот на учесници.

-Како естрада ми се обратија за списокот на музичари и пејачи, кои ќе настапат за Нова Година, го направив и ми го одобрија. Според списокот „Саут парк“ почнуваат први, потоа „Дупер“, од 22 часот е „Мерак Меана“ со пејачите, меѓу кои  се Зуица Лазова, Наум Петрески, Ленче и Горан Куќиќ, Благица Павловска, Ферус Мустафов, Елена Андоновска, Драган Николовски и уште неколку. Ние ќе настапиме како во „Мерак меана“, сите ќе бидеме на сцена и кој како пее ќе се повлекува, како што е во емисијата. Нив ќе ги придружува групата „Скопски боеми“. Од забавната музика ќе настапат и Ристо Самарџиев и Елена Ристеска со бендот. На плоноќ планиран е настапот на Елена Ристеска со нејзината новогодишна песна. На крајот ќе настапи диџеј Ампов. Значи планирана е музика за секој вкус, странска музика, забавна и народна, вели Стојановски.

Тој не кажува за колку пари ќе настапат музичарите, па вели:

-Целиот програм чини колку да се плати половина од тоа што би платиле некоја српска или балканска ѕвезда. Но, тоа подобро го знаат од агенцијата „Про саунд“, кои се организатори, додава тој.

ММС до Град Скопје се обрати и минатата недела за тоа кој ќе настапи на плоштад за новогодишната ноќ, од каде ни рекоа дека сите детали ќе бидат соопштени на прес конференција. Но, на само три дена пред дочекот од Градот се уште не соопштуваат ништо, ниту, пак, скопјани знаат дека ќе се организира журка.

Пејачите пак, се разочарани, бидејќи нема никаква реклама и се плашат дали воопшто ќе има публика.

-Тоа се чудиме и ние музичарите и пејачите зошто сѐ уште официјално не се кажува дека ќе има журка. Нема никаква реклама. Штета. Некои од пејачите досега настапувале на плоштад, но на многу од нив им е прв пат и од тој аспект ни е чест и задоволство да пееме и да има публика. Да дојде народ. Некои од пејачите самоиницијативно на своите профили на социјалните мрежи пишаа дека ќе пеат и објавија неколку медиуми и толку, вели Стојановски.

 

(В.М.)