(Видео) Моќни машини го слушаат тлото и го управуваат сложениот систем за водоснабдување на шест општини – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/22 1:28 PM

(Видео) Моќни машини го слушаат тлото и го управуваат сложениот систем за водоснабдување на шест општини

Комплексниот систем од 120 километарските цевки и браната која се наоѓа на 30 километри од Пробиштип изгледаат многу едноставно со еден клик прикажани на компјутерски екран. Меѓутоа, на терен, тоа е комплексен систем, сублимиран преку софтверот за контрола и управување во ХС „Злетовица“, што деновиве доживува комплетна ревитализација. Машините се увото и окото на огромната количина вода што постојано се собира и пропушта од браната „Кнежево“, која со вода снабдува шест општини од источниот регион. СКАДА системот деноноќно го следи тлото на браната, временските услови, ја зголемува и намалува количината на водата што оди за општините, а може и целосно да ја секне водата.
Овој витален дел од „Злетовица“ од септември почна со процесот на обнова на софтверот и хардверот преку целосно осовременување на системите за управување и раководење. Во главниот контролен центар во Пробиштип ги гледаме промените кои се случуваат деновиве.

-Текот на ревитализацијата на СКАДА центарот се одвива во повеќе фази. Моментално како активности што ги имаме завршено се промена на УПС-ите во главниот СКАДА центар, ставање во функција на нови оптички претворачи за оптиката, преку која ни оди комуникацијата со сите контролни точки во самиот систем и набавен е нов принтер, со којшто ќе биде поврзан СКАДА центарот преку кој ќе вршиме принтање на сите документирани материјали, што понатаму ќе ги користиме во иднина и сега, објасни Александар Стамболиски, раководител во ЈП ХС „Злетовица“.
Од изградбата на хидросистемот и поставување на контролните центри – еден во Пробиштип како примарен и секундарниот во зградата непосредно до браната, ова е прва ревитализација. Средствата се обезбедени преку проект одобрен од Меѓународната организација за развој и соработка на Словенија и Министерството за земјоделство. Надградбата на системите е особено важна во делот за оскултација.
-Таму најмногу сме насочени на промена на софтверот што ги мери поместувањата и оскултацијата на браната Кнежево. Во склоп на оскултационата опрема на браната Кнежево спаѓа и метеоролошката станица, која исто така е предвидено да се реконструира во овој ревитализационен проект. Така, е направена е промена на дата – логерот и комплетно е ставена во функција метеоролошката станица со надградба на софтверот и со надградба на нов компјутер, кој ќе може да се поврзе и да ги користи кои било податоци од системот, објасни Стамболиски.
Како функционира системот, најдобро се гледа на екраните.

-Од овој монитор може да се види дека комплетниот систем од акумулацијата „Кнежево“, браната, зафатот за Пробиштип, цевководите, потоа зафатите што се за Штип и Свети Николе, Карбинци и Лозово со цевководите заедно и излезните места, на пример, филтер станицата Штип, потоа филтер станицата во Свети Николе и филтер станицата во Пробиштип, вели Стамболиски.
Раководителот Стамоблиски ни покажа и како се следи состојбата со браната Кнежево.
-Браната како највитален објект од ХС „Злетовица“, со тоа што целата опрема што е за сеизмичкото набљудување на браната, деформациите на самата акумулација со асфалтното јадро, вертикалните и хоризонталните поместувања, тие податоци ги отчитуваме од браната „Кнежево“. Тоа е бидејќи е предвидено сите активности на акумулацијата, таму да бидат отчитувањата и мерењата на тие поместувања, кажа Стамболиски.

Ревитализацијата на системите на ХС „Злетовица“ е клучна активност, која е вовед и во очекуваните активности со влегувањето во втората и третата фаза на еден од најзначајните проекти за источниот регион, кој вклучува наводнување на 3500 хектари земјоделска површина и изградба на три хидроцентрали за производство на струја.
За ревитализацијата на системот за управување и раководење на ХС „Злетовица“ обезбедени се 14 милиони денари.

В.К.

фото: Кире Андонов, Александар Стамболиски