Кралицата Елизабета Втора почина мирно попладнево во Балморал, соопшти британското кралско семејство на 8 септември 2022 година. И светот запре на момент.
Заврши една ера.
Елизабета Втора беше монарх со најдолго владеење во британската историја и најстариот шеф на држава во светот. Таа беше кралица 70 години и ја заобиколи Земјата 42 пати.
Само еден крал во историјата владеел подолго од неа – Луј Четиринаесетти (над 72 години помеѓу 1643 и 1715 година).
Елизабета е родена на 21 април 1926 година во Лондон. Стана наследничка на 10 години кога нејзиниот вујко, Едвард Осми, абдицираше на 11 декември 1936 година, а нејзиниот татко стана кралот Џорџ Шести.
Се омажи за морнаричкиот поручник Филип Маунтбатен, грчки принц, во лондонската Вестминстерска опатија на 20 ноември 1947 година. Тие имаат четири деца: принцот Чарлс (роден во 1948 година) кој сега е крал, принцезата Ана (1950), принцот Ендру (1960) и принцот Едвард. (1964). Филип почина во април 2021 година, на 99-годишна возраст.
Иако ништо не ги обврзува британските монарси да ги откријат своите приватни финансии, познато е дека Елизабета поседувала лично богатство од 370 милиони фунти во 2022 година, односно пет милиони повеќе од претходната година. Кралицата поседувала и колекција на кралски поштенски марки вредна околу 100 милиони фунти.
Бакингемската палата, кралската резиденција во Лондон и замокот Виндзор, 30 километри западно од Лондон, се во државна сопственост. Сепак, замокот Балморал, летувалиштето на кралското семејство и резиденцијата Сандрингем, каде кралското семејство традиционално го слави крајот на годината, биле во сопственост на кралицата и ги наследи Чарлс.
Британската кралица Елизабета Втора почина во нејзиниот омилен замок Балморал во Шкотска. Стотици илјади на Обединетот Кралство следните денови се простуваа од својата кралица. Нејзиниот ковчег беше прво изложен во кралската резиденција во Единбург, а потоа и во катедралата Сент Џајлс. Од Шкотска, ковчегот со телото на кралицата со авион беше пренесен во Лондон, а повеќе од пет милиони лица го следеа последниот лет на Елизабета Втора.
Тоа беше лет што имаше најмногу следбеници во историјата на интернетот, соопшти веб страницата „Flightradar24“, што ги следи летовите на авиокомпаниите ширум светот. Вкупно 4,79 милиони луѓе го следеле летот преку интернет, а уште четвртина милион лица на ЈуТјуб каналот. Компанијата соопшти дека дури шест милиони луѓе се обиделе да го следат летот во првата минута од полетувањето на „Boeing C17A Globemaster“ од аеродромот во Единбург, со што ја загрозиле стабилноста на платформата. Седумдесет години од првиот лет на кралицата со авионот „BOAC Argonaut „Аtalanta“, последниот лет на кралицата Елизабета Втора е најследен лет во историјата на „Flightradar24“, соопшти директорот за комуникации на компанијата.
На државниот погреб на кралицата Елизабета Втора во Вестминстерската опатија во Лондон присуствуваа околу две илјади гости, меѓу кои и неколку стотици претседатели, поглавари и монарси.
Државниот погреб на кралицата Елизабета Втора се смета за најголемата безбедносна операција во историјата на Велика Британија, надминувајќи ја операцијата за платинестиот јубилеен викенд и Олимпијадата во Лондон 2012 година. Настанот го обезбедуваа повеќе од 10.000 полицајци од цела Велика Британија.
Со музика од нејзиниот личен гајдаџија, ковчегот со кралицата Елизабета Втора беше спуштен во гробница во капелата Свети Џорџ во Виндзор. Со тоа заврши последната јавна богослужба за британската кралица со која светот се прости со еден од најдолговечните монарси.
На 19 септември вечерта, во кругот на најблиското семејство беше одржана приватна церемонија, по која кралицата Елизабета Втора беше погребана заедно со нејзиниот сопруг, војводата од Единбург, во меморијалната капела на кралот Џорџ Шести.
Во тие тешки и тажни денови за целиот свет, особено за Британците, надбискупот од Кентербери Џастин Велби рече дека изливот на емоции за кралицата „произлегува од нејзиниот изобилен живот и служба со љубов, која сега ја нема“.
Велби, во својата проповед во Вестминстерската опатија рече дека кралицата допрела „многу животи“ и оти била „радост“ за многумина.
Луѓето кои служат со љубов се ретки во која било област од животот. Водачите кои служат со љубов се уште поретки. Но во сите случаи оние кои служат ќе бидат сакани и запаметени кога ќе се заборават оние кои се држат до власта и привилегиите, рече тој.
Тагата на овој ден – што ја чувствува не само семејството на покојната кралица, туку и целата нација, Комонвелтот и светот – произлегува од нејзиниот изобилен живот и служба со љубов, кои сега ги нема, додаде.
Велби, стоејќи во црквата каде што кралеви и кралици се крунисани од 1066 година, исто така рече дека кралицата на својот 21-ви роденден изјавила „дека целиот нејзин живот ќе биде посветен на служење на нацијата и Комонвелтот“.
„Ретко кога такво ветување е толку добро одржано. Малкумина лидери го добиваат изливот на љубов што го видовме“.
МИА