Нова Година веќе ни е на прагот, а со неа и можноста дека некој ќе остане без прсти, без око, шака или со изгореници, а причината се знае- користење на пиротехнички средства, особено петарди!
Ова не е ништо ново, ништо непознато и ништо невообичаено иако се знае дека продажбата на пиротехнички средства е забранета, особено за малолетниците, кои се најголеми и потрошувачи, но и жртви. Петардите по некакви нелегални патишта успеваат да дојдат до раце на жртвите, од кои најголем број се деца и тинејџери.
Кога веќе децата не можат да разберат, а родителите иако се свесни за можните последици, сепак, не преземаат ништо и сами им ги купуваат и ги туркаат во катастрофа, тогаш кој да се грижи за здравјето на младите тинејџери?
ММС разговараше со д-р Софија Пејкова, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, бидејќи лекарите се тие кои се грижат за последиците од негрижата и е неможноста да се разбере дека тоа е опасно. Тие се покрај пациентите, кои со лоши повреди и каење им се обраќаат за помош и спас.
Која е желбата да се пука со петарди за Нова Година? Уживање во славење или себичност на дело? Тоа веќе станува неважно откако трагедијата ќе се случи и животот по експлозијата ќе добие поинаков тек.
Д-р Пејкова се обиде за ММС да ги објасни последиците од нашето невнимание, кои пред и за време на празниците им задаваат главоболка на дежурните лекари. Таа се обиде да објасни и дека реченицата „докторке, помогни ми, спаси ме“, зависи од големината на повредата и дека таа минута на невнимателност значи хендикеп за цел живот.
Вели дека најдобар начин за спас на децата и тинејџерите е да се интервенира пред да се случи. А тоа го покажува и нивната кампања низ основните и средните училишта за едукација на младите од катастрофалните последици.
-Во овој предновогодишен период и божиќните празници имаме многу пациенти, кои се примени во болница како итни случаи со повреди од користење на пиротехнички средства, особено петарди. Од 2018 година инициравме едукативна кампања, бидејќи најголем процент на повредени се всушност адолесценти. Заради тоа во 2018 и 2019 година имавме предавања за тоа колку се опасни пиротехничките средства и петардите за учениците од осмо и девето одделение. Потоа поради пандемијата не застанавме со кампањата, но не можевме да одиме во училиштата. Затоа преку мемдиумите информиравме колку е опасно. Сакавме да го свртиме вниманието на јавноста дека не треба да се користат. Бидејќи сега повторно може да се вратиме во училиштата меѓу учениците, оваа година кампањата е насочена кон средношколците од прва година, а тоа се деца од околу 15тина година, вели д-р Пејкова и додава:
-Првичната идеја беше едукација во Скопје, но бидејќи имаме специјализанти кои се на пластична хирургија, а се од другите градови рековме дека може да ја прошириме и низ цела Македонија. А ни помагаат и студентите од Европската медицинска асоцијација, кои се пета и шеста година на предавања. Ние подготвивем едукација во која кажуваме колку се опасни петардите, какви се нашите случаи со кои сме се соочиле и им прикажуваме реални примери и повреди на паценти примени на Клиника, вели таа.
Реалните слики со кои се соочуваат лекарите се како од здраво дете за миг може да стане дете со хендикеп за цел живот. А тука најмногу страдаат прстите, шаката, лицето, очите, а не ретко и се здобиваат со изгореници на други делови од телото.
-Со самите експлозии на петардите настануваат изгореници, најчесто на лицето, вратот и рацете, на кои може понатаму да се се јават многу компликации, разни инфекции, лузни, контрактури, кои остануваат за цел живот. Потоа може има повреди на очи од искри кои се јавуваат за време на експлозијата и најтешките повреди се повреди на шаките, бидејќи петардите им екплодираат во шака или во близина на шаката. Е тогаш се губат делови од шаката или цела шака. Затоа велиме дека од една минута екплозија до цел живот хендикеп, објаснува д-р Пејкова.
Да се родиш, како што велат „здрав и прав“ и сам да си го искомплицираш животот е многу страшно и тажно. Кога некое дете ќе остане без одреден дел од телото, тогаш за жал, мора да продолжи со ограничен начин на живот.
-Хендикепиот што го имаат пациентите кои имаат повреда на шака е огормен и со недостаток на делови од шаката се ограничуваат многу функции понатаму, како што се избор на професија, но и менталното здравје. Им се скратуваат многу работи од понатамошниот развој. Затоа велиме дека тоа се многу, многу серизни компликации кои ги носи повредата од петарди. А тие, сепак, се млади и здрави личности и штета е да останат хендикепирани само заради тоа што имале потреба да направат некоја еуфорична атмосфера, додава докторката.
Сите знаеме дека продавањето на пиротехнички средства е забрането, дека полицијата казнува, но сепак, и покрај тоа петардите си го наоѓаат пат до младите.
-Нашата кампања оди заедно и со кампањата што ја има и МВР, за нелегално користење на пиротехничките средства. И тие даваат сѐ од себе за да се спречи. Додека тие ја прават од законскиот апсект, ние ја правиме од здравствениот, од медицинскиот сѐ со цел да ги спречиме компликациите, вели д-р Пејкова.
Но, откако ќе се случи повредата многу е погрешно што многумина се обидуваат сами да си помогнат, без да се обратат на лекарите иако на крајот повторно последната врата која треба да ја отворат за спас се лекарите. Д-р Пејкова советува дека доколку се случи ваква повреди да не превземаат ништо на своја рака, туку веднаш да се упатат на лекар.
-Кога ќе се случи повредата најдобро е само да се стави некоја чиста газа или ткаенина и што поскоро да одат до најблискиот ургентен центар. Да не прават сами некакви импровизации, бидејќи тие импровизации може да бидат поттик за други компликации, може да ја инфицираат раната. Ние сме имале многу пациенти, а тоа им го кажуваме и на учениците од средните училишта дека, дежурните лекари за Нова Година не сакаат да ја поминат новогодишната ноќ со нив во операциона сала. Многу често се случувало тие да се во шок, затоа велам и многу мала повреда придонесува за голем психички шок поради експлозијата што ја преживеана. Свесни се за тоа што им се случило и велат- не требаше да го направам тоа. Ама веќе се случило и нема назад. И млади и возрасни, сите се свесни дека направиле грешка, дека тоа не требало да го направат. Затоа откако ќе се случи повредата, потоа се најголемите поборници против користење на петарди. Зошто? Затоа што еден повреден човек за опшеството можеби е мал процент, но лично за себе тој е 100 проценти хендикепиран за цел живот. Затоа им велам на средношколците дека оваа кампања е наменета и за родителите бидејќи има родители кои сами сакаат да направат во тој момент да биде експлозијата поголема. Прават импровизирана направа за да биде експлозијата поголема. А притоа страдаат и родителите. Сме имале и такви случаи, објаснува докторката.
Колку оваа кампања придонесува за развивање на свеста кај младите покажува и фактот за намалување на бројот на повредите од петарди, иако не смее жовечкиот живот да се мери со бројќи.
-За среќа еве на неколку дена пред Нова Година сме и оваа година до сега сме немале ниеден случај со повреди од петарди, што не било така други години. И јас искрено се радувам. Ете и пандемијата кога беше, иако имаше мерки сепак имаше случаи на повредени и покрај ригорозните карантини. Мислам дека откако почнавме со овие активни кампањи за да видат како тоа изгледа, претпоставувам дека влијае на адолесцентите. А само така можеме да имаме здрава популација. Од наша страна како пластични хирурзи се трудиме да дојдеме до личен контакт со децата, со наставниците. Имаме одличен прием во средните училишта. И преку нив ние ги пренесуваме пораките и до родителите, бидејќи тоа треба да биде еден ланчан систем. Чекор, по чекор, кога ќе се вртиме пет години наназад сваќаме дека има ефект во подигање на свеста, дека е опасно да се користат вакви пиротехнички средства, додава д-р Пејкова.
Дали пукањето петарди е уживање во славење или себичност на дело, не е ни важно откако ќе се случи повредата. Важно е што од тој момент па натаму животот на младите добива сосема друг тек, кој им се менува од корен.
-И во светски рамки има направено статискика дека се примени 150.000 пациенти повредени од пиротехнички средства. Од нив 80 проценти припаѓаат на адолесцентите, тие се најголем број. И затоа ние го следиме тој тренд. Тоа е момент кога сакаат да бидат важни, да се покажат, да бидат главни и на сите начини бараат да бидат интересни за нивното друштво. Затоа токму тие години ги одбравме. Јас и на предавањето на учениците им велам дека мораме сите заеднички да ги надминеме и превенираме овие повреди, особено повредите на шаката. Бидејќи шаката е таа која нѐ прави нас да бидеме совршени и само ако ја чуваме ќе можеме да тежнееме кон совршенство. Ние со шаката пишуваме, учиме, цртаме, гушкаме, спортуваме, сакаме, и ако ја нема што ќе правиме? Не можеме ниту патиките да си ги врземе. Шаката е огледало на нашиот мозок. На самите врвови на прстите има илјадници рецептори кои ни кажуваат многу информации кои ние несвесно ги процесуираме. И без нив не можеме. Затоа и нашата порака до сите млади е да си ја чуваат нивната шака, за да имаат среќни и безбедни новогодишни празници, за да имаат убав детски распуст и секако за да имаат живот на кој ќе му се радуваат, порача д-р Пејкова.
Весна Миленковска
Фото: Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија