(видео)Тест возење: Целосно пуштен во употреба експресниот пат Штип-Кочани – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/22 4:29 PM

(видео)Тест возење: Целосно пуштен во употреба експресниот пат Штип-Кочани

Дваесетина минути возење ќе ги делат Штип и Кочани откако денеска во употреба беше пуштена делницата Крупиште – Кочани од експресниот пат Штип – Кочани. Со денешното пуштање во употреба на 13,7-те километри, инвестиција од над 18 милиони евра, целосно се заокружува изградбата на патот, што се одвиваше во две фази. Од Кочани до Скопје сега ќе се патува за околу еден час.

Патот е со ширина од 11,4 метри, со две коловозни ленти и две ленти за застанување, а има две клучки заради подобар пристап на населените места.

– Овој експресен пат е дел од државната рута А4 која започнува од граничен премин Блаце, преку обиколницата Скопје и автопатот до Штип и преку него добиваме подобро регионално поврзување со Република Бугарија и брза патна врска низ целиот источен регион, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој присуствуваше на пуштањето во употреба на патот заедно со премиерот Ковачевски и директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми.

Премиерот Ковачевски изрази задоволство од пуштањето во употреба на делницата, истакнувајќи дека со ова е завршена „голема работа” и им се заблагодари на сите вклучени во изградбата на патниот правец.

Премиерот Ковачевски и министерот Бочварски го “пробаа“ експресниот пат Штип – Кочани

– Со изградбата на нови патишта се забрзува и олеснува патувањето на граѓаните, но се зголемува и безбедноста во сообраќајот, рече Ковачевски, посакувајќи наредната година да има повеќе настани од ваков тип.

Директорот на ЈПДП, Рустеми, истакна дека патот е со вкупна должина од 28 километри, а е со висок квалитет на градба.

– Вкупната ширина на експресниот пат е 11,4 метри, има четири ленти, по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Максимална брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани е  110 километри на час. Изведувач на градежните работи е „Синохидро“ од Р.Кина, рече Рустеми.

*Видеото е забрзано на назад