Објавен сезонски попуст, а на етикетите намалената цена повисока од примарната, вешто скриена под два слоја прелепена хартија. Или под превезот „тотална ликвидација“, само стандарден, па дури и минимален попуст, кој нема врска со објавата. Овие два примери се земени од реакциите на потрошувачите на нефер односот на трговците. Со новиот Закон за заштита на потрошувачите кој е објавен на 7.11.2022 година во Службен весник на РСМ бр.236, ваквиот однос на трговците подлежи на санкции. Со овој Закон е направено усогласување со директивите на Европската унија со кој се овозможува примена на европското право во областа на заштитата на потрошувачите. Воедно и појасно се дефинирани обврските кои треба да ги исполнат трговците и правните лица спрема потрошувачите.
Како граѓани-потрошувачи секојдневно се среќаваме со различни термини кои трговците ги користат за поттикнување на продажбата на одредени продукти (распродажба, акција, промоција, сезонско намалување, ставање во промет на стоки со недостаток или грешка и ставањето во промет на стоки на кои што им изминува рокот на употреба).
Во продолжение за новините со кои се обврзани трговците, а ние како потрошувачи е добро да ги знаеме и да реагираме:
Распродажба
Распродажбата е законски дозволена само во некој од следните случаи:
- Престанување на работењето на трговецот,
- Престанување на работењето на трговецот во неговите дотогашни деловни простории;
- Престанување на ставање во промет на одредени стоки или услуги од предметот на работење на трговец или
- При вршење на сложени градежни зафати во или на деловните простории на трговецот.
Распродажбата под точка 2 и 3 е дозволена само под услов трговецот да не продолжи со нудење на стоките или услугите во неговите дотогашни деловни простории, односно со ставање во промет на одредените стоки или услуги во рок не пократок од шест месеци од денот на завршување на распродажбата.
Акциска продажба (Акција)
Акциската продажба се спроведува во рок на траење не подолг од 30 дена на ограничен број стоки или услуги. Стоките или услугите ставени на акциска продажба мораат да бидат јасно, видливо и читливо означени со зборовите „акција“ или „акциска продажба“ и притоа трговецот е должен да го наведе нејзиното траење.
Промотивна продажба (промоција)
Промотивна продажба (промоција), како посебен облик на ставање во промет на ограничен број нови стоки или услуги, во однос на сите постојни стоки или услуги што ги нуди трговецот, се спроведува во рок на траењето не подолг од осум дена. Стоките или услугите мораат да бидат јасно, видливо и читливо означени со зборовите „промоција“ или „промотивна продажба“. Трговецот е должен да го наведе нејзиното траење.
Сезонско намалување
Сезонското намалување се спроведува по завршувањето на соодветната сезона, во следните периоди:
- Летно сезонско намалување во периодот помеѓу 25 август и 25 септември во тековната година и
- Зимско сезонско намалување во периодот помеѓу 25 декември од тековната и 25 јануари од наредната година.
Ставање во промет на стоки со недостаток или грешка
Кога трговецот става во промет стоки со недостаток или грешка, должен е истите физички да ги одвои од останатите стоки, како и јасно, видливо и читливо да ги означи како стоки со недостаток или грешка. Кога природата на стоките ова го налага, трговецот е должен јасно, видливо и читливо да ги означи и видот и природата на недостатокот или грешката.
Ставање во промет на стоки на кои што им изминуваа рокот на употреба
Трговецот е должен при ставање во промет на стоки на кои што им изминува рокот на употреба физички да ги одвои овие стоки, како и јасно, видливо и читливо да ги означи дека на истите им изминува рокот на употреба, при што на истите се применуваат прописите што се однесуваат на означувањето на роковите на употреба.
Начини на означување на цените
Дозволено е намалување на цените да се врши само
- со означување на новата цена покрај прецртаната, но се’ уште видлива, претходна продажна цена;
- со означување на новата и претходната продажна цена со зборовите „нова цена“ и „стара цена“, соодветно или
- со наведување на процентот на намалување на цената, а при истовремено означување на новата цена покрај прецртаната, но сеуште видлива, претходна цена.
Како претходна продажна цена се смета најниската цена што трговецот ја означил најмалку 30 дена пред отпочнување на посебниот облик на ставање во промет (ова не се однесува во случаите кога трговецот за време на важењето на посебниот облик на ставање во промет ќе добие нова испорака на стоки што се веќе опфатени со посебниот облик на ставање во промет). Ова не се применува кај договорите на далечина на договорите вод деловните простории на трговецот како и во случаи кога посебниот облик на ставање во промет трае помалку од три дена.
Важно за потрошувачите:
Доколку забележите некакви неправилности, можете да доставите поплака до Државен пазарен испекторат ( https://www.dpi.gov.mk/index.php/mk/odnosi-so-javnost/prijava-od-gragjani ) или до Организација на потрошувачите на Штип ( opmstip@hotmail.com или 077 963 841).
Комерцијална објава на Организација на потрошувачите на Штип