„Сами си ја ставија, па побараа 7.000 евра“ – Градоначалникот на Радовиш ја разреши драмата за исчезнување на елката од плоштадот – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/22 12:53 PM

„Сами си ја ставија, па побараа 7.000 евра“ – Градоначалникот на Радовиш ја разреши драмата за исчезнување на елката од плоштадот

„Никој не ја украл. Фирмата што  ја стави и украси елката, сама  и си ја собра новогодишната елка,“  изјави за ММС, градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов, по објавените информации во медиумите дека елката исчезнала,  дека некој ја украл, но и дека фирмата си ја собрала бидејќи не била платена фактурата од страна на Општината.

„Нема да дозволиме некој да нè уценува и рекетира,“ вели Ристов објаснувајќи дека фирмата, која што не сакаше да ја именува, со години наназад поставувала елка и го украсувала градот, така направила и оваа година, меѓутоа тоа го направила без пред тоа да склучи било каков договор со општината. Откако било направено украсувањето, фирмата од општината побарала 7000 евра за елката и украсите, со тоа што тие не стануваат во трајна сопственост, туку само се изнајмуваат.

„Почнаа и притисоците и уцените од фирмата дека доколку не се плати, ќе си ја соберат елката. Јас не сакам никој да ме уценува за нешто што не сме го побарале. Едноставно не сакав да продолжи оваа коруптивна шема, што била разработена во годините наназад. Реков дека нема да платиме и тие во саботата си ја собраа елката,“ додаде Ристов за ММС.

 

За само два дена, вели Ристов, со помош на донатори и фирми во градот успеале да обезбедат сè што е потребно за украсување на градот, веќе интензивно се работи и додава дека веќе од утре градот ќе блесне во прекрасно новогодишно руво и ќе има дури четири елки.

„Ветувам дека од утре Радовиш ќе биде украсен како бајка, и сето тоа надополнето со концерти и за најмладите и за повозрасните.,“ вели градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов за ММС.

 

Весна Крстева

Фото: општина Радовиш/Фејсбук