Доколку се вклучат барањата на енергетските компании, цената на струјата за малите потрошувачи и домаќинствата се очекува порасне за 3,5 – 4 отсто, без вклучен ДДВ. Од први јануари ДДВ-то на електричната енергија од 5 отсто се зголемува двојно, односно ќе изнесува 10 отсто. Влијанието на цената од зголемениот ДДВ е 4,76 отсто. Ова на прес конференција пред малку го објави Марко Бислимовски од РКЕ. Блоковските структури остануваат исти, а нема промена и во евтината тарифа.
Наспроти очекувањата дека ќе се направи блоковска структура за компаниите и одделување во блоковска структура, Бислимовски рече дека овој процес се одлага до први јули. Иако, за РКЕ е јасно дека има мали потрошувачи кои трошат по 500 киловат часови месечно и такви кои трошат по 200.000 киловати и сите плаќаат иста цена, сепак, одделувањето се одлага.
Новата цена на електричната енергија ќе биде соопштена до крајот на неделата.
Бислимовски објасни дека нема промена во блоковската структура, бидејќи веќе неколку месеци од нивното воведување, потрошувачката е релативно иста, на што влијаеја и поволните временски услови. Промените во потрошувачката се очекуваат во јануари и февруари, кога има и пониски температури.