Освен опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и Светскиот македонски конгрес тврди дека за време на гласањето на референдумот за Договорот од Преспа, незаконски биле полнети кутии со гласачки ливчиња.
Претседателот на Конгресот, Тодор Петров денеска на прес конференција посочи дека одлуката за членство на Македонија во ЕУ иНАТО со прифаќање на Договорот Димитров- Коѕијас, донесена од Собранието на 30 јули годинава не е усвоена на референдумот:
„Независно од резултатите на референдумот, задолжителна трајна и непроменлива е одлуката од референдумот во 1991 кога Македонците гласаа за суверена и самостојна Македонија, без додавки и придавки“.
Според Петров, Спогодбата од Преспа не е дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија бидејќи не е ратификувана согласно Уставот, па затоа како што вели тој, таа е ништовна.
„Законот за ратификација на Спогодбата не е објавен во Службен весник, бидејќи не е потпишан указот за неговото прогласување“, додаде Петров.
Петров денеска побара да се поднесе обвинителен акт против премиерот, министрите и пратениците кои гласале за Спогодбата и одлуката за распишување референдум.