Англискиот не е единствен официјален јазик во ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/22 2:00 AM

Англискиот не е единствен официјален јазик во ЕУ

ЕУ има 24 официјални јазици, а англискиот е еден од нив. Тие се бугарски, хрватски, чешки, дански, холандски, англиски, естонски, фински, француски, германски, грчки, унгарски, ирски, италијански, латвиски, литвански, малтешки, полски, португалски, романски, словачки, словенечки, шпански и шведски. Правните акти и нивните резимеа се достапни на сите официјални јазици на ЕУ. Состаноците на Европскиот совет и Советот на Европската унија се толкуваат на сите официјални јазици.  Иако Европската Унија има 24 официјални јазици, најчесто три се користат како работни јазици во европските институции: француски, англиски и германски.

 

 

 

На објава  на Фејсбук се нарекува Европската Унија со погрдни зборови само затоа што официјален јазик е англискиот, иако САД и Обединетото Кралство не се дел од Унијата. Ова тврдење е манипулативно затоа што англискиот јазик не е единствениот официјален јазик во ЕУ.

Скапана
ЕУ
Официјален јазик English
А ни Сад,ОК не се во
ЕУ

Не е вистина дека официјален јазик на Европската Унија е англискиот. ЕУ има 24 официјални јазици, а англискиот е еден од нив. Тие се бугарски, хрватски, чешки, дански, холандски, англиски, естонски, фински, француски, германски, грчки, унгарски, ирски, италијански, латвиски, литвански, малтешки, полски, португалски, романски, словачки, словенечки, шпански и шведски.

Секојпат кога нова земја станува членка на ЕУ, се зголемуваа бројот на официјални јазици.

ЕУ се карактеризира со својата културна и јазична разновидност, а јазиците што се зборуваат во земјите на ЕУ се суштински дел од нејзиното културно наследство. Ова е причината зошто ЕУ ја поддржува повеќејазичноста во своите програми и во работата на нејзините институции, се вели на официјалната веб-страница на ЕУ.

Повеќејазичноста како политика има за цел:

  • комуникација со своите граѓани на нивните јазици
  • заштита на богатата лингвистичка разновидност на Европа
  • промовирање на учењето јазици во Европа

Повеќејазичноста е содржана во Повелбата за фундаментални права на ЕУ каде што е наведено дека:

Државјаните на ЕУ имаат право да користат кој било од 24-те официјални јазици за да комуницираат со институциите на ЕУ, а институциите мора да одговараат на истиот јазик.

Правните акти и нивните резимеа се достапни на сите официјални јазици на ЕУ.

Состаноците на Европскиот совет и Советот на Европската унија се толкуваат на сите официјални јазици. Членовите на Европскиот парламент имаат право да користат кој било службен јазик кога зборуваат во парламентот.

Иако Европската Унија има 24 официјални јазици, најчесто три се користат како работни јазици во европските институции: француски, англиски и германски. Овие јазици се користат или неселективно, како во Советот или Комисијата, или исклучиво, на пример, Европската централна банка работи само на англиски, или Европскиот суд на ревизори работи главно на француски. Одлуките на Судот на правдата се донесуваат на јазикот на предметот, додека размислувањата обично се на француски.

Во Европскиот парламент, секој пратеник може да зборува на еден од официјалните јазици. Говорите истовремено се толкуваат и на другите јазици. Преведувачите служат како глас на 705-те европратеници: тие играат клучна улога во обезбедувањето ефективна комуникација на 24 јазици. Пленарните седници на Европскиот парламент секогаш се толкуваат на 24 јазици, пишува меѓу другото на официјалната веб-страница на ЕУ.

Причината зошто се користат најчесто францускиот, англискиот и германскиот јазик е бидејќи така е поекономично, а тие три јазици се и јазиците коишто ги користат најголем дел од популацијата на ЕУ. Иако постоеја шпекулации дека после Брегзит, англискиот јазик нема да биде дел од официјалните јазици на Унијата, тоа сепак не се случи.

Прашањето коешто го покренува оваа Фејсбук објава, е зошто англискиот е официјален кога ни САД ни Обединето Кралство не се во Унијата и истовремено ја нарекува ЕУ со погрдни зборови, односно „скапана“.

Она што е првично неточно е тврдењето дека доколку во Унијата не се Обединетото Кралство и САД  нема потреба официјален јазик да биде и англискиот (настрана што нема никаква логика САД да е дел од ЕУ, бидејќи е на друг континент). Но, во Унијата се и Ирска и Малта на кои што англискиот јазик, исто така, им е еден од официјалните јазици.

Освен тоа податоците покажуваат дека мнозинството граѓани на ЕУ зборуваат англиски јазик, како прв или како втор јазик.  Иако на поголемиот дел од нив тој не им мајчин јазик, сепак тој е јазикот којшто најмногу се зборува во Унијата.

Според овие факти, тврдењето дека само англискиот јазик е официјален јазик го оценуваме како неточно, а тврдењето дека тој не треба да биде официјален затоа што Велика Британија и САД не се дел од Унијата го оценуваме како недостаток на контекст и манипулација.

 

 

Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.