Нови случаи на врсничко насилство регистрира Министерството за внатрешни работи.
Според најновиот полициски билтен, меѓу нападнатите има и девојче.
Имено, во петокот педесетгодишна скопјанка пријавила дека истиот ден во претпладневните часови, во основно училиште на подрачјето на Центар, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од нејзин соученик.
Се работи на расчистување на случајот – соопшти денеска МВР.
На 22-ри декември пак, во полицијата стигнала пријава за групна тепачка во скопското село Семениште, во која учествувале и малолетници. Во меѓусебната пресметка учествувале И.Б.(20) од с.Копаница, М.З.(18) од с.Ласкарци, С.З.(21) од с.Копаница и уште еден малолетник од с.Копаница, од една страна, и М.Н.(19), А.Ш.(19) и уште еден малолетник, сите од с.Чајлане, од друга страна.
По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок – најави полицијата.
Од МВР информираат за случај на врсничко насилство и во Велес, каде вчера четириесет и седумгодишен маж пријавил дека по претходна расправија, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници, од кои дел ги познавал.
Претходно полицијата информираше и за нападнато девојче во Радовиш, но не сопшти на која возраст е напаѓачот и дали и во овој случај се работи за врсничко насилство.
Физички нападнато малолетно девојче пред училиште во Радовиш