Предизвиците на македонското и бугарското поврзување со гасната платформа во Александрополи – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/22 12:37 PM

Предизвиците на македонското и бугарското поврзување со гасната платформа во Александрополи

Ништо значајно како активност не можеше да се забележи на пристаништето во грчкиот град Александрополи, од чиј брег на 18 километри во морето се очекува да биде поставена пловечката платформа со природен гас. На крајот од септември, кога група новинари од регионот го посети пристаништето, забележливи беа големите транспортни бродови и слабата раздвиженост околу траектите, кои „одмараат“ по летната туристичка сезона. На крајот на 2023 година и почетокот на 2024 година, Александрополи се очекува да стане важна енергетска точка во регионот, кога во морето ќе биде поставена пловечката платформа за складирање и гасификација (FSRU), со капацитет од 153.500 m2 природен гас.  Од платформата до интерконекторот кај Неготино, ќе протечат и неопходните количини природен гас за македонските граѓани. Земјата учествува во инвестицијата во гасниот терминал во Александрополи со 10 проценти, кој е со вкупна вредност од 370 милиони евра, проект поддржан од Европската унија.  Без ова поврзување, Северна Македонија останува целосно зависна од рускиот гас.

Платформата за гас ќе биде трајно закотвена на фиксна точка во морето и ќе има капацитет од 153.500 m2 ЛНГ. Годишно ќе обезбедува 5,5 милијарди кубни метри природен гас. Течниот природен гас ќе пристигне со танкери во пловечката единица и со специјални краци ќе се преточи и привремено ќе се складира во огромни криогени резервоари. Потоа, течниот природен гас ќе се гасифицира во специјалните капацитети и во нова форма ќе се канализира од пловечката единица до подморскиот преносен цевковод.

Видео приказ за идното функционирање на пловечката гасна платформа

До гасоводот на брегот платформата биде поврзана со систем од цевки под вода во должина од 14 километри и уште 4 километри до Националниот систем за пренос на природен гас на Грција. Преку интерконетори, гасифицираниот ЛНГ ќе стигнува на пазарите во Грција, Бугарија и поширокиот регион, од Романија, Србија и Северна Македонија, до Молдавија и Украина.

Претстои многу работа за македонските енергетски институции

Но, за да стигне гасот од Грција до македонските граѓани и компании, пред институцијата задолжена за овој проект, Национални енергетски ресурси (НЕР), претстои долга работа на изградба на интерконекторот за поврзување со грчкиот гасоводен систем кај грчкото село Идомени на границата кај Гевгелија, каде завршува грчкиот дел од гасоводот. Завршна точка е веќе изградената блок станица на новиот гасовод Штип – Неготино, во близина на градот Неготино. Должината на трасата на гасоводот и 68 км и со пречник Ф700. Средствата за изградба  во висина од 16 милиони евра се очекува да ги обезбеди Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) на почетокот на 2023 година за кофинансирање во проектот за Интерконекторот со Грција.


Гасното поврзување на С.Македонија со Грција
Македонската Влада на седницата од 14 декември 2022 година и го донесе Урбанистичкиот план за Интерконективен гасовод Република Северна Македонија – Грција.  Како што соопшти Владата, проектот Интерконективен гасовод Р.С. Македонија – Р. Грција претставува еден дел од целокупната мрежа, којашто треба да се изгради на територија на државата.

-Овој гасовод ќе биде гасовод што го поврзува системот за пренос на гас на Северна Македонија со грчкиот Национален систем за пренос на природен гас (NNGTS) во Неа Месимвриа. Гасоводот, според посочувањето од Министерството за транспорт и врски, ќе биде составен дел од Националниот гасификационен систем во Северна Македонија и ќе овозможи двонасочна трансмисија на природен гас на овој југоисточен дел од државата. Делницата за интерконекција меѓу Северна Македонија и Грција на територијата на нашата држава е со должина од 66.7 километри. Делницата почнува од границата со Грција и завршува кај Неготино, а крајната точка на оваа делница е спој со веќе изградената блок станица БС-08, соопшти Владата.

Системот поврзан со Интерконекторот  е со вкупниот годишен капацитет на пренос од 2.8 милијарди кубни метри гас.

На оваа седница Владата донесе одлука за предвремено резервирање на капацитет на грчката страна од интерконекциската точка Евзони – Гевгелија и го одобри склучувањето на Договорот.

Од НЕР на прашањето на Канал 77 до каде се работите, појаснуваат дека покрај тековните работи на терен, се одвива пазарниот тест.

-Во тек е постапката за долготраен закуп на капацитети ( маркет тест) , објавен од страна на ДЕСФА (Национален оператор за гасен систем на Грција – сопственик на проектот) и АД НЕР даде понуда, која што ги исполнува потребните услови за маркет тестот да се прогласи за успешен од страна на регулаторна комисија во Р. Грција. Потпишани се сите потребни договори, и по финалната одлука за инвестиција во ДЕСФА, која што се очекува да биде во наредниот период, ќе бидат објавени и постапките за ангажирање на надзорен орган и за изведување на градежните работи, објасни Бајрам Реџепи, директор на НЕР.

На прашањето за роковите и динамиката на работа, Реџепи вели дека планот е проектот да почне да се гради во текот на вториот квартал 2023, и да заврши до крајот на 2024 година. Сепак, како што вели, овој проект не се гради само во нашата држава туку и во територијата на Грција, и роковите не зависат само од нас.

Пред македонските институции претстои една година на интензивна работа, бидејќи плановите од грчка страна е пловечката станица и придружните системи да бидат во функција од 1 јануари 2024 година.

„Во фаза сме на изградба, бидејќи се гради и делот од цевководи што ќе го поврзат терминалот со системот ДЕСФА. Дополнително, пловечката единица ќе влезе во бродоградилиште во Сингапур за реконструкција на почетокот на февруари 2023 година до почетокот на ноември истата година и ќе биде во Александрополи на крајот на истиот месец за да биде поврзана со системите и ќе може да работи до 1 јануари 2024 година“, изјави Константинос Сифнаиос, извршен директор на грчки Гастрејд, која е изведувач на проектот.

Наспроти спротивставените мислења на некои од познавачите во областа на енергетиката дека се вложуваат многу пари во систем кој не е наш, Бајрам Реџепи смета дека проектот со пловечката платформа за складирање и гасификација во Александорполи, е добра шанса за дивезификацијата за снабдување со гас. Имено, Македонија по Грција го плаќа најскапиот гас во регионот.

-Со нашето поврзување на преносниот систем на ДЕСФА, се отвораат повеќе можности за снабдување со природен гас, не само од ресурсите во ЛНГ терминалот во Александрополи, туку и на сите други извори што ги има ДЕСФА. Треба да се напомене дека грчкиот преносен систем се поврзува со Јужниот поток ТАП, со ЛНГ терминалот во Реветуза, како и со директниот интерконективен вод со Турција, оценува Бајрам Реџепи.

Течниот природен гас нуди можност за купување природен гас дури и од добавувачи кои не се приклучени на цевководни мрежи. Со ЛНГ, постои независност од цевководите, кои работат како монополски канал за дистрибуција на енергија.

Всушност, монополскиот канал за снабдување, како што се руските гасоводи, стануваат оружје за манипулација со цените на енергијата и оружје за политичка уцена на владите и народите. Кога монополските канали за дистрибуција на моќ се во рацете на авторитарни влади, тие нема да се двоумат да ги искористат за уништување на другите народи.

Во ЛНГ со ладење на природниот гас до минус 162 степени Целзиусови, волуменот се намалува за 600 пати, со што се обезбедува полесен транспорт и складирање. Трговијата со ЛНГ овозможува природен гас да се транспортира до земји без гасоводна инфраструктура и на тој начин го диверзифицира енергетскиот пазар.

Бугарија веќе е поврзана

За разлика од Северна Македонија, која допрва треба да го гради Интерконенкторот, Бугарија веќе го стави во функција. Од почетокот на декември 2022 година, гасната врска меѓу Грција и Бугарија, само два месеци по нејзиното пуштање во употреба, е со искористеност уште на старт со 80% од капацитетот. Гасниот интерконектор игра важна улога во регионот на Југоисточна Европа, бидејќи Молдавија веќе ја користи гасната врска со Грција и бугарската гасоводна мрежа за да се снабдува со гас. Многу брзо, оптоварувањето најверојатно ќе се зголеми, бидејќи Романија има договорено снабдување со гас во текот на зимата од Азербејџан, при што се очекува овој гас да помине и преку гасната врска со Грција, а потоа преку Бугарија до Романија преку Трансбалканскиот гасовод.

Со тоа, само два месеци по изградбата на гасната врска меѓу Грција и Бугарија, таа веќе е наполнета со гас и покрај прогнозите дека нема потреба од тоа. Бугарија, како и Северна Македонија е акционер во терминалот за течен гас во Александрополи. Овој терминал ќе го користат Бугарија и другите земји од регионот и соодветно ќе бара дополнителен капацитет на гасоводите меѓу Грција и Бугарија.

Мапата на поврзувањето со платформата

Бугарскиот енергетски аналитичар Георги Ангелов прогнозира дека треба брзо да се започне со работа за проширување на капацитетот на гасната врска меѓу Грција и Бугарија, а ако е можно и за зголемување на капацитетот на стариот гасовод меѓу двете соседни балкански земји. Во моментов е во тек и пазарен тест за проширување на Трансјадранскиот гасовод, кој носи азербејџански гас. Кога ќе се случи ова проширување, Бугарија мора да биде подготвена со зголемен капацитет да апсорбира дел од дополнителниот гас.

Според Ангелов, треба да се работи на гасната врска меѓу Бугарија и Србија, како и на вертикалниот гасен коридор договорен меѓу Грција, Бугарија, Романија и Унгарија. Според него, потенцијал за проекти има и со Турција, која има и терминали за течен гас, а Бугарија веќе се согласила да ги користи своите терминали за своите енергетски потреби, во случај да има оптоварување на терминалот „Реветуза“ во Грција. Генерално, централната позиција на Бугарија на Балканот е добар предуслов за земјата да си обезбеди не само диверзификација на испораките, туку и да транзитира гас во сите правци на Балканот.

Гасната врска меѓу Грција и Бугарија, како што вели Ангелов, е од централно значење за Северна Македонија, бидејќи преку неа ќе може да го прима гасот од терминалот во Александропулис, кој има намера да го прима и истовар на лице место. Кога ќе се изгради вториот гасовод меѓу Бугарија и Северна Македонија во регионот Петричко-Струмица, тогаш ќе се поттикне брзата гасификација на важни сектори во економијата на земјата.


Интерконткеторот на Булгартрансгаз

Гасното поврзувањето на двете земји е преку уште една точка. Во октомври беше потпишан договор меѓу бугарскиот оператор за пренос на гас „Булгартрансгаз“ и македонскиот оператор на системот за пренос на гас н „ГА- МА“ за интерконекција на пунктот Ќустендил/Жидилово.

Договорот е од клучно значење за диверзификација и зголемување на безбедноста на испораките на природен гас во Северна Македонија, за што Ќустендил/Жидилово е единствената влезна точка за снабдување со природен гас.

-Република Северна Македонија нема сопствени наоѓалишта на гас и складиште за природен гас и целосно се потпира на преносот преку Бугарија за да ги гарантира потребните количини гас за земјата. Овој документ е резултат на долгорочна соработка меѓу нас, а со неговото потпишување, нашите соседи ќе имаат дополнителни можности да ги диверзифицираат изворите и добавувачите на природен гас, оцени извршниот директор на ГА-МА АД Александар Арсиќ.

Интерконекциската точка Ќустендил/Жидилово не е нова, но договорот предвидува зголемување на техничкиот капацитет за пренос на гас во Северна Македонија за 500 илјади кубни метри дневно (од 2,5 на 3,0 милиони кубни метри дневно) или зголемување за 182 милиони кубни метри годишно. Годишната потрошувачка на земјата е околу 300 милиони кубни метри.

Раздвижувањето во делот на гасната инфраструктура во регионот беше иницирана со војната во Украина и ограничувањето на снабдувањето со руски гас во регионот. Македонија е целосно зависна од рускиот гас, за кој плаќа најскапо, додека Бугарија ја има најниската цена од земјите членки на ЕУ.

Според податоците на Еуростат, цената за природен гас кој доаѓа од Руската Федерација за македонските потрошувачи е 0,0454 евра на еден киловат час. Од земјите во регионот Србија добива најевтин гас, што го плаќа по цена од 0,0313 евра по киловат час, а Босна и Херцеговина 0,0346 евра. Од земјите на ЕУ, Бугарија плаќа најевтин природен гас со 0,0348 евра по еден киловат на час, додека најскап природен гас во регионот плаќа Грција, 0,0517 евра по еден киловат час.

Пристаништето во Александрополи
Со поставувањето на гасната платформа во Александрополи, ќе се менува и енергетската слика во регионот. Со работата на станицата, во суштина, Турција и Русија престануваат да бидат главни снабдувачи на природен гас на Балканскиот полуостров и контролата постепено преминува на Грција. Во тоа значајна улога има гасната платформа, која пак се гради со пари од Европската унија. Проектот е дефиниран  како проект од заеднички интерес за Европската комисија, која одвои средства за енергетска диверзификација во целиот регион.

Што се однесува до Македонија, гасното поврзување со Грција и Бугарија може да ја го забрза процесот на гасификација. Иако македонската влада уште пред 35 години донела одлука да се гасифицира, досега се завршени 96 километри за што се потрошени над 94 милиони евра. За тоа колку се работи на продолжување на проектот за гасификација, доволно зборува податокот дека за две години на делницата Неготино – Битола изградени се само 1,5 километар.

Весна Коловска (С.Македонија)

Николај Крастев (Бугарија)