Ќе плати ли државата 21 милион 478 илјади 799 евра за договорот за ОКТА? Пресудата од Арбитражниот суд во Париз е пристигната во Владата – ММС
ММС

Објавено на: 12/22/22 1:26 PM

Ќе плати ли државата 21 милион 478 илјади 799 евра за договорот за ОКТА? Пресудата од Арбитражниот суд во Париз е пристигната во Владата

Пресудата на Арбитражниот суд во Париз со кој Северна Македонија ќе треба да плати оштета за договорот за ОКТА е пристигнат во Владата пред два-три дена и во моментот се разгледува и анализира од страна на адвокатскиот тим ангажиран од Владата.

Советникот за енергетика во Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција рече дека адвокатскиот тим од Франција, што го има ангажирано Владата ја разгледува пресудата и дека по завршување на тој процес ќе бидат познати следните чекори што ќе се преземат.

– Адвокаткиот тим, кој е ангажиран од Владата и не застапува, а тоа е „Дехерт“ од Франција, ја разгледува и ја анализира пресудата. По завршување на тој процес, заедно со Координативното тело кое е задолжено за арбитражните постапки, ќе и предложат на Владата соодветни чекори што ќе се презмат во однос на објавувањето на пресудата, рече совеникот за енергетика Виктор Андонов.

Со донесената пресуда, како што посочи тој, преполовен е износот на оштета што го барала грчката компанија.

– Вкупното оштетно побарување кон Република Северна Македонија заедно со каматите за периодот 2008-2011 година изнесуваат 42 милиони и 646 илјади евра. Согласно пресудата, оштетното побарување кое е пресудено од страна на Арбитражниот суд во Париз е за 50 проценти пониско од првичното барање, односно оштетното побарување пресудено од Судот изнесува 21 милион 478 илјади 799 евра, што значи дека нашиот адвокатски тим се изборил за преполовување на бараниот износ, рече Андонов.

Станува збор за процес во кој Република Северна Македонија е тужена страна поради непочитување на обврските произлезени од купопродажниот договор на рафинеријата ОКТА случен во 1999 година.

Прашан за најавите од грчка страна дека овие средства ќе ги инвестираат во нафтоводот Солун-Скопје, советникот на премиерот рече дека за тоа во моментот не се разговара.

Дел од грчките и француските медиуми објавија дека Арбитражниот суд во Париз пресудил во корист на грчката компанија и дека Северна Македонија ќе треба да плати оштета од околу 25,5 милиони евра.