Водејќи се од начелото за подобар образовен систем, сите ние како директно вклучени во креирањето на наставен кадар во наставничките факултети и во другите образовни институции максимално се залагаме да го подобриме квалитетот на образованието во сите нивоа. Ова денеска го истакна заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу на научната трибина „Актуелните предизвици и можности за обезбедување квалитет во образованието на идните одделенски наставници, воспитувачи, библиотекари”, во организација на Педагошкиот Факултет „Св. Климент Охридски”- Скопје.
– МОН постојано се залага да се подобри квалитетот на образованието преку наставните програми и содржини, преку обезбедување квалитетни учебници и наставни помагала, како и подобрување на стандардот на наставниците преку зголемување на нивните примања и обезбедување на дополнителни услови за нивната работа – изјави Алиу додека јавноста се уште очекува одговор дали и кој ќе сноси одговорност за грешките во учебниците, кои учениците наместо во септември ги добија непосредно пред крајот на полугодието.
Тој додаде дека секоја година од Буџетот на МОН се обезбедуваат средства за проекти и активности од научната област и високообразовните институции.
-Проектите кои се реализираат од страна на факултетот и на професорите се од големо значење и придонесуваат во јакнењето на наставничките компетенции и вештини, било тоа да е со редовните студенти или со наставниците кои веќе се вклучени во образовниот процес – истакна заменик министерот.