Експресниот пат Штип – Кочани се пушта идната недела, но што со оштетените локални патишта? – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/22 11:24 AM

Експресниот пат Штип – Кочани се пушта идната недела, но што со оштетените локални патишта?

Експресниот пат Штип – Кочани по седум години работа, според најавата на ресорниот министер Благој Бочварски ќе биде пуштен наредната недела. Сообраќајот ќе се одвива во времен режим во делот меѓу селото Бања и Кочани, додека целосно не биде поставена сообраќајната сигнализација. Меѓутоа, поголема грижа за локалното население се пристапните и локалните патишта. Додека се гради новиот пат, страдаат старите, кои и онака се оштетени и дотраени.

Министерот Бочварски вели дека тоа е обврска на изведувачот, што ја има преземено со потпишаниот договор со државата.

-Согласно договорите на државата со изведувачот сите патни правци што се околу новиот експресен пат од страна на изведувачот, а кои биле оштетени, ќе бидат доведени во првобитна состојба. А тоа можам да го потенцирам дека Надзорниот орган, ЈП за Државни патишта и изведувачот имаат склучен договор, во кој што сите обврски се почитуваат, одговори Бочварски.

Експресниот пат Штип – Кочани во еден дел од Три Чешми до Крупиште близу две години се вози додека се работеше на вториот дел од Крупиште до Кочани. Работите делумно беа закочени поради нерешена експропријација на имот на семејство кое живее покрај патот.

Со инвестиција од 18,2 милиони евра се гради експресниот пат Штип-Кочани (делница Крупиште – Кочани) во должина од 13,7 километри. Вкупната должина на експресниот пат е 28 километри со инвестиција од 37,3 милиони евра. Новиот експресен пат ќе го скрати патувањето до Штип за дваесетина километри.

Вкупната ширина на експресниот пат е 11,4 метри, ќе има четири ленти, по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Идната максимална брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час. Изведувач на градежните работи е кинески „Синохидро“ , а Надзор е „Патинвест инженеринг“ АД Софија  од Бугарија.