По директорската смена во ЈП „Стипион“, нов директор се очекува денеска да биде назначен и во најголемото општинско комунално претпријатие ЈП „Исар“. Неофицијално, таму нов в.д. директор е Трајан Коцев, кого штипската јавност го знае како поранешен директор на градинката „Вера Циривири Трена“ во Штип. Дипломирал на Факултетот за физичка култура, а во „Исар“ доаѓа од Секторот за внатрешни работи – Штип.
Досегашниот в.д. директор Трајче Здравков останува меѓу најблиските соработници на градоначалникот Иван Јорданов, како шеф на неговиот кабинет.
Веќе неколку дена има шпекулации за директорската смена во „Исар“, кои градоначалникот Јорданов вчера во телефонски разговор не сакаше да ги коментира. За денеска во 11 часот закажа прес конференција.
Според овие шпекулации, директорските смени во Штип нема да застанат само на овие две јавни претпријатија. Неофицијално, матичната партија на Јорданов, ВМРО ДПМНЕ не е многу задоволна од перформансот на некои од директорите на општинските институции, поради што било побарано нивна смена.