Македонски државјанин осуден во Ќустендил за обид за шверц на амфетамин – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/22 8:22 AM

Македонски државјанин осуден во Ќустендил за обид за шверц на амфетамин

Окружниот суд во Ќустендил го осуди на четири години и шест месеци затвор и парична казна од 50.000 лева (25.000 евра) државјанинот на Северна Македонија и на Бугарија, Дејан Д. под обвинение за обид на шверц на амефтамин и обид за илегален премин на бугарската граница, јави дописникот на МИА од Софија.

Како што соопшти Судот во Ќустендил, обвинетиот е осуден откако се изјаснил за виновен по трите точки од обвинението – за обид за шверц на амфетамин во вредност од 27.330,2 евра, за поседување високоризична наркотична супстанца без дозвола и за обид да ја премине границата на Бугарија без дозвола на нејзините гранични органи.

Според Судот, 50-годишниот Дејан Д. признал дека на 7 јули при излез од Бугарија на граничниот премин „Деве Баир/Ѓуешево“ се обидел со неговиот автомобил „Пежо 407“ преку границата да пренесе високоризична наркотична супстанца – амфетамин, со вкупна тежина од 1.855,78 грама, во две пластични шишиња со етикети на концентрат за автомобилски стакла и зелен чај и дека при царинската контрола се обидел да побегне во правец на Северна Македонија.

Одлуката на Окружниот суд во Ќустендил е конечна.

На претходното судско рочиште, одржано на 8 јули, обвинетиот пред Судот изјави дека „не знае што има во шишињата“ и дека бил вработен во македонската Царинска управа.