Цели три месеци, лажни дојави за бомби го парализираат нормалниот тек на наставата во низа училишта низ државата.
Генерациите чија едукација значително претрпе поради ковид пандемијата и мерките во училиштата сега се пред нов предизвик – да го надополнат она што го пропуштаат поради актуелните дојави. Како ваквата ситуација се одразува врз нив, односно низ каков стрес поминуваат учениците дознаваме од претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ. Во разговорот за ММС тој најавува дека и самите ќе предложат механизам за надоместување на пропуштената настава.
Дојавите за бомби во државата стануваат сѐ почести, па ако на почетокот ги имавме само во средните училишта во Скопје, подоцна тие почнаа да пристигнуваат и во другите градови. Како оваа ситуација влијае врз учениците? Кои се нивните коментари, се плашат ли за својата безбедност?
-Сојузот на средношколци реагираше за дојавите на бомби уште во првата недела кога почнаа. Тогаш се одвиваше и конститутивното собрание за млади, прво во историјата на Град Скопје и како предлог -точка беше вметната дискусијата околу бомбите кои тогаш беа концентрирани само околу средните училишта во Скопје. Сепак, гледаме дека изминатите неколку месеци ситуацијата навистина ескалираше и сега не се таргетираат само скопските средни училишта, туку и училишта надвор од Скопје, основни училишта, други јавни установи, трговски центри и слично. Тоа ја доведува до прашање целата безбедносна ситуација на земјата. Проблемот од гледна точка на учениците има две димензии, а првата е токму безбедносната.
На почетокот навистина многу од учениците се плашеа околу дојавите и тоа создаваше чувство на анксиозност и нарушено ментално здравје бидејќи навистина не е сеедно кога такво нешто се случува. Како зачестија и како испадна дека тие дојави се лажни, повторно се создаде простор за стрес и нарушено ментално здравје кај учениците, но од друг аспект. Сега е крај на првото полугодие и сите имаме планови. На пример, ученикот има испланирано тој и тој ден да одговара или професорот планирал да се одвива тестирање, а кога ќе се случи дојава за бомба, таквиот план пропаѓа во вода. Тоа создава нервоза и стрес кај учениците од тој академскиот аспект повеќе, отколку од безбедносниот.
Се изгубија многу часови, а не гледаме конкретен план како тие ќе бидат надополнети и не знаеме дали матријалот кој е испуштен ќе биде ставен во полугодишните тестови, а понатаму и дали ќе биде внесен во материјалот за државната матура.
Неретко стручните служби во училиштата од коишто се дел педагозите и психолозите, се пренатрупани со административна работа, па која е тука нивната улога во тоа да им помогнат на учениците кога се во вакви стресни ситуации? Дали младите се охрабруваат да поразговараат со нив?
-Токму така. Можам да кажам дека од моментот кога јас застанав како претседател да го водам Сојузот со мојот тим во јуни 2021, во нашата програма проблемот со менталното здравје и како системот ги третира училишните психолози, беше ставен како врвен приоритет. Токму затоа ние ја искористивме оваа прва година од мандатот да исконцепираме еден модел каде што предлагаме наместо психолозите да бидат пренатрупани со бирократии и со административна работа, конечно да бидат ослободени од тоа бреме и да работат со својата вистинска таргет група, а тоа се учениците. Успеавме да создадеме интересни партнерства во однос на ова прашање. Гледаме и во јавноста дека во последно време често се јавуваат проблеми и со меѓуврсничкото насилство, со насилството од наставниците кон учениците, но и обратно.
Сакаме овој период да го искористиме за да договориме соработка со стручните организации на психолозите и нивните синдикати за да изработиме предлог-протокол за нов модел на работа на психолозите. Тоа ќе подразбира повеќе тет-а-тет средби кои ученикот сам ќе може да ги закаже и да почне системот конечно да си ја врши работата. Психолозите се професионалци кои се вработени во училишата, а за жал системот ги уназадува и малтретира со тоа што не им е работа.
Со оглед на тоа дека сѐ уште официјално не се знае како ќе се надоместат изгубените часови и како ќе се одвиваат тестовите, кој е најдобриот начин според средношколците за да се надмине оваа ситуација? Дали можеби полуматурантите и матурантите ќе бидат најоштетени од сите бидејќи тие се и најврзани со рокови?
-Во моментот не можам да дадам конкретен одговор бидејќи тимовите на Сојузот прават анализи и генералното собрание ќе расправа за да видиме кој е најоптималниот модел за да се надомести ова.
Ако направиме еден историски преглед на работите ќе видиме дека мојата генерација, односно учениците кои сега се четврта година, навистина многу пропати како резултат на лошите политики и случки во образовниот систем. Така на пример, во првата година од пандемијата три месеци изгубивме сосема бидејќи во многу училишта немаше онлајн настава. Втората година беше целосно изгубена како резултат на неквалитетна, а во многу училишта и непостоечка онлајн настава. Таман се израдувавме дека во трета година успеавме да ги вратиме учениците во клупите, кога се продолжи зимскиот распуст за две недели, па се случи и штрајкот на професорите. Сега кога влегуваме во финалната година од задолжителното средно образование се доведуваме до тоа голем дел од три наставни месеци во првото полугодие да бидат изгубени поради дојавите за бомби. Ако ова не нѐ алармира колективно како општество дека нешто се случува со образованието и дека треба да го ставиме како приоритет, не знам што друг може да ни биде подобар или во случајов полош индикатор.
Како изгледа евакуацијата кога ќе пристигне дојавата за бомба, што се случува меѓу учениците?
-Зависи од училиште до училиште…Генерално според Законот и за основно и за средно образование, училиштата се обврзани да имаат план за евакуација и од лично искуство знам дека многу училишта организираат ученички тимови коишто помагаат во вршењето на евакуацијата. Ученичкото тело се запознава како треба да тече тој процес за да нема паника, но исто така ако на пример евакуацијата траела што пократко, а прегледувањето на училиштето од страна на полицијата траела со часови на почетокот на оваа криза со бомбите, сега тоа знае да трае и по 15 минути за да се провери целото училиште, па се излегува со информација дека дојавата е лажна, а никогаш не можеме да знаеме што може да се случи. Од друга страна пак, многу училишта се соочуваат со апсурдни ситуации. Во „Јосип Броз“ има и кафуле во самото училиште и ако училиштето се евакуира, кафичот не е евакуиран. Така што знае и на тој начин системот да падне и да затаи.
Најавивте дека на ниво на Сојуз ќе дискутирате за ситуацијата и за можните решенија, па кога би требало да ги имате тие состаноци и дали планирате заклучоците да ги проследите до Влада или барем до МОН?
-Јас како претседател сум статутарно обврзан за секоја поважна одлука да го консултирам генералното собрание. Односно генералното собрание е тоа што ги носи одлуките, а Изршниот одбор и претседателот се тие што ги спроведуваат. За секоја одлука помеѓу две генерални собранија треба да одлучи Извршниот одбор. Од статутарна гледна точка Сојузот си функционира многу демократски. Оваа недела очекуваме да имаме состанок на Извршниот одбор каде што ќе се разгледа временската рамка за да го имаме следното генерално собрание на Сојузот. Тоа веројатно ќе биде за време на зимскиот распуст, а штом ќе имаме конкрететна политика или предлог ќе го проследиме тоа до МОН и до Владата, а соодветно ќе ги информираме и медиумите.
Вања Мицевска