Wizz Air најлоша авиокомпанија за поплаки – оценка на Британците – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/22 3:04 PM

Wizz Air најлоша авиокомпанија за поплаки – оценка на Британците

Управата за цивилно воздухопловство на Обединетото Кралство реагираше до компанијата Wizz Air поради големиот број поплаки со барање за алтернативно решавање спорови (ADR), но и поради и доцнењето во плаќањето на патниците кои не добиле услуги од авиокомпанијата.

Како што објави британската Управа за цивилно воздухопловство, најновите квартални податоци за жалби покажуваат дека Wizz Air е рангирана како „јасно најлоша авиокомпанија за поплаки“, според жалбите за алтернативно решавање на спорови или до домашниот тим за жалби на регулаторот во третиот квартал од 2022 година.

За Wizz Air има 811 поплаки на милион патници.

-Со исклучок на Royal Brunei Airlines, која има 555 жалби на милион патници, другите авиокомпании имаа половина поплаки помалку, соопшти Управата.

За британскиот регулатор, исто така, спорно е времетраењето на одговор од Wizz Air на  барањата добиени директно од патниците, како и големиот број пресуди на Окружниот суд (CCJ) против Wizz Air, а кои и понатаму остануваат неплатени.

-Управата за цивилно воздухопловство на Обединетото Кралство беше јасна со Wizz Air дека ова е неприфатлив начин за постапување со патниците и дека е императив итно да се решат прашањата, стои во објавата на интернет страната на британскиот регулатор.

Ен Боулс, раководител на Одделот за политика со потрошувачи и спроведување на Управата за цивилно воздухопловство на Обединетото Кралство, рече дека патниците имаат целосно право да очекуваат нивните поплаки и барања да бидат решени брзо и ефикасно и да бидат третирани праведно од страна на авиокомпаниите.

-Јасно му ставивме до знаење на Wizz Air дека неговото однесување е неприфатливо и дека очекуваме задоцнетите поплаки и барања да бидат решени пред Божиќ. Разбираме дека исплатата на пресудите на Окружниот суд може да продолжи до јануари, но ја охрабруваме Wizz Air да се погрижи и за нив да се даде приоритет. Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата. Онаму каде што имаме докази дека една авиокомпанија ги разочарува патниците, нема да се двоумиме да преземеме понатамошни дејствија каде што е потребно“, изјави Боулс.

Wizz Air го призна овој пропуст и изрази жалење за овие проблеми. Авиокомпанијата се обврза на Управата за цивилно воздухопловство дека ќе ги расчисти заостанатите побарувања и ненаплатени плаќања до Божиќ.

Управата за цивилно воздухопловство на Обединетото Кралство, како регулатор за авијација и воздухопловство, редовно објавува податоци за поплаките на патниците во авиосообраќајот.

Wizz Air е авиокомпанијата која неколку години наназад е субвенционирана од македонската влада, која денеска објави нов повик за субвенционирање.

 

извор: UK Civil Aviation Authority