Такси, сопствено возило и обезбеден автобуски превоз за потребите на штипските фирми и учениците, во моментов се единствените превозни средства за граѓаните во Штип.
Во услови на енергетска криза и високи цени на нафтените деривати, животот станува уште поскап а паричникот се потенок, па потребата за воведување на линиски градски сообраќај не само што е созреана туку е и алармантно потребна.
Во 2022 штипјани не добија градски превоз, но ќе го добијат во 2023, така барем најавуваат надлежните. Во меѓувреме и понатаму такси возилата ќе им останат единствената опција.
По двата пропаднати тендери за воспоставување на јавен градски сообраќај во Штип, општината најави самостојно организирање на овој вид на сообраќај. Купување на пет електрични автобуси беше првичната замисла на градоначалникот Иван Јорданов. Беше организирано и промотивно возење со електричен автобус, но и оваа намера веќе не е во игра.
Она што во моментов е официјално е дека општината ќе купува автобуси, но не елктирични, туку обични, на нафта, вели штипскиот градоначалник Иван Јорданов. Електричните биле за четири пати поскапи.
„Дефинитивно следната година ќе биде воспоставен градскиот автобуски превоз. Ќе се обезбедат шест автобуси на нафта, најнови модели-EURO 6, произведени 2020. Така барем ќе биде посочено во спецификацијата. Процентот на загадување е минимален. Возилата би се земале на лизинг со 10% учество и на пет години отплата,“ образложи Јорданов.
Оваа одлука треба да помине на Совет, по што ќе се распише и тендерот. Целата постапка, вели Јорданов, би требало да се заокружи за пет до шест месеци и веќе во втората половина на 2023 во Штип конечно да почне да функционира, градскиот превоз.
„Предвидено е да има шест релации со шест линии на осум периоди од денот. Целиот овој сектор околу организацијата и спроведувањето на јавниот превоз ќе биде во надлежност на Ј.П Стипион,“ додава Јорданов.
Колкав ќе биде буџетот за обезбедување на автобусите, како и цените за билетите по кои штипјани би се возеле, се уште не се утврдени. Цените за овој вид на автобуси е различна и зависи од многу фактори. Чисто за илустрација, според она што се нуди на сајтовите за огласи, автобус произведен во 2020 , Еуро 6, се нуди по цена од 179.000 евра.
За оние без сопствено возило засега единствена алтернатива се такси возилата
И додека штипјани го очекуваат најавениот автобуски градски превоз, за своите потреби вообичаено ги користат услугите на такси компаниите.
Официјално на територијата на Општина Штип егзистираат 6 такси компании со 66 лиценцирани такси возила. Тоа е официјално, но неофицијално евидентен е и големиот број на „диви“ такси возила, вели претседателот на здружението на штипските таксисти „Такси 2003“, Глигор Арсов.
„Мислам дека во градот има некаде околу 150 такси возила. Минатата година почна тој процес за жолти регистарски таблички за лиценцираните возила, но рокот заврши а во градот се уште возат такси возила кои што не го направиле тоа. Контролите се слаби или ги нема, па дивите таксисти слободно си работат,“ додава Арсов.
Од штипската локална самоуправа велат дека и на тие 66 лиценцирани таксисти на повеќето им е истечен рокот на лиценцата, на некои им е при крај а некои веќе ги доставуваат документите за продолжување.
Обезбедувањето на потребната документација за лиценца, чини околу 500 евра, а се плаќа и по 1200 денари месечно плус на општината за користење на паркинг.
Според претседателот на штипските таксисти и оваа бројка од 150 такси возила не може да ги задоволат потребите на граѓаните, особено во шпиц периодите или во случај на невреме.
„Условите за воведување на градски сообраќај се созреани и во еден град како Штип со 50.000 жители е навистина потребен“, вели Арсов.
Пред петнаесетина години, во времето кога градоначалник беше Панде Сарев, беше воведен јавен градски сообраќај, но поради економската неисплатливост на операторите , згасна.
Тогаш коментарите беа дека не биле созреани условите. Денес кога за такси превоз во еден правец до некои од приградските населби оддалечени по десетина километри мора да се плати и повеќе од 350 денари, според мислењето на граѓаните, потребите и условите се алармантни.