Место да се прејадувате и препивате по „кафани“, израдувајте некого – Како Анжелика Колева секоја Нова година помага на најранливите – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/22 12:30 PM

Место да се прејадувате и препивате по „кафани“, израдувајте некого – Како Анжелика Колева секоја Нова година помага на најранливите

Борбата со карциномот е тешка и скапа, пациентите веќе со месеци наназад алармираат дека тешко доаѓаат до дел од терапиите, од кои некои чинат илјадници евра, а кои треба да ги обезбеди државата.

За некои пациенти за жал, луксуз се и суплементите што ги набавуваат сами, а кои треба да му помогнат на нивниот имунитет кој слабее под дејство на агресивните лекови.

Предизвиците кои ги носи болеста на своја кожа ги чувствува и уметницата Анжелика Колева од Скопје, која реши со своите вешти раце и со својот талент да им помогне на своите соборки.

Предновогодишното лудило и одење по кафеани, пиење, јадење, како никогаш да не сме го направиле тоа, многу лесно може да се замени со нешто што ќе усреќи некого, кој има вистинска мака. А добрините се паметат за цел живот.

Затоа Колева пред секоја Нова година се вклучува во хуманитарни акции, но годинава реши да направи нешто поразлично и на пациентките со рак на дојка да им ги донира средствата од продажбата на лампионите кои сама ги изработува.

„Се работи за акција за онколошките пациентки заболени од рак на дојка, од причини што апелираат дека немаат средства за некои од терапиите. Гледав сега овој период да се искористи предновогодишно да направам некои лампиони, иако секоја година правам нешто хуманитарно и најчесто подарувам подароци. Оваа година одам со еден поинаков пристап, затоа што верувам дека секој може да издвои 200 денари да не седне на кафенце и да им помогне на пациентите иако терапиите се прескапи. Сметам дека можеме барем до некаде да им олесниме, да купат барем таблетарна терапија или некои витамини што им се потребни“, вели Анжелика за ММС.

Лампионите се продаваат по симболична цена од 200 денари и дел од средствата од продажбата таа веќе ги донирала на неколку жени.

„Сега планирам да пуштам пари и за една друга жена за која се шири апел за помош. Претходно дури и пред јас да бев дијагностицирана со оваа состојба, секогаш сум гледала каде е најалармантно за да ги дадам парите. На некои жени веќе им се дадени средствата. Тоа не е доволно, но гледаме да ги поделиме средствата и тие да бидат покриени за два-три месеци. Со парите всушност е обезбедена таблетарна терапија бидејќи во борбата за карцином  потребни се многу средства, па со ваков тип акции може да обезбедиме средства барем за таблетарни терапии или за суплементи“, објаснува Колева.

На нејзино изненадување, во акцијата се вклучиле и други жени со карцином покажувајќи колку е важна солидарноста кога некој е ранлив.

„Пациентките се многу задоволни, тие се израдуваа уште кога ја споделив идејата и ме охрабрија да ја реализирам. Дури се и вклучени во процесот на продажба. Имам помош од многу од нив кои едноставно земаат од лампионите па ги продаваат. Се вклучуваат како се во можност, бидејќи кај мене во галеријата нема некоја фреквенција голема за да поминува некој секој ден и да си купува. Затоа и имаме продажба преку интернет, луѓето нарачуваат и онлајн. Баш минатата недела праќав и по други градови. Тоа не се некои количини, туку кој колку може, две-три лампиончиња. Важно е дека се има желба да се донира. Сега барем тоа е лесно и може да се регулира“, додава уметницата.

Ова е прва акција од ваков тип во нејзина организација, иако секогаш наоѓала начини да ја истакне својата хумана страна.

„Претходно вообичаено делев подароци, подарував лампиони и слично за да усреќиме некого. Годинава решив дека треба да ги усреќиме пациентите и да добијат една предновогодишна помош, па малку полесно да дишат сега во празниците“, изјави Колева.

Во изминатите години таа учествувала во колективни акции со повеќе уметници, па продавале свои уметнички слики за да им помогнат не само на онколошките пациенти туку и на луѓето со попреченост.

„Учествував во колективни акции од хуманитарен аспект, ние уметниците често продаваме слики па ги донираме средствата. Донирано е и на онколошки случаи, значи јас како на некој начин да сум поврзана со нив. Донирано е и со продажба на слики па средствата се префрлани на жиро сметки. Имав и свои три самостојни изложби од хуманитарен карактер“, истакнува Анжелика.

Последната таква изложба се реализираше во септември и како што тогаш информираше ММС, уметницата апелираше место букет посетителите да донесат училишен прибор за дечињата чии родители не можат да си дозволат.

„Претходната хуманитарна акција кога беше за децата, одзивот беше извонреден, дури и следниот месец ја продолживме акцијата бидејќи имаше многу донации. Се собра многу и ме радува што тоа е така, тогаш се донираше училишен прибор и се вклучи и Отец Оливер. Собравме ранци, целосни пакетчиња, дури и за деца од предучилишна возраст“, раскажува Анжелика потенцирајќи дека за таа акција одзивот бил поголем.

„За сега не можам да кажам дека е толку одзивот голем, има заинтересираност, но јас се надевав дека ќе биде многу повеќе. Ќе видиме уште овие десетина дена како ќе се одвива, затоа и апелирам цело време дека сѐ уште има лампиони, има и на залиха. Ќе видиме што ќе се случува, се надевам дека ќе собереме уште некој денар да помогнеме на уште некој. Сега ми се врти во глава и да има некоја акција за Осми март, па ќе видиме“, додава Колева.

Според неа, состојбата во државата е тешка, особено последниве месеци со економско-енергетската криза, но порачува дека секој треба да се вложи себеси онаму каде што може и да помогне, зашто со мали чекори ќе се направи голема промена во општеството.

„Дефинитивно хуманоста мора да излезе на површина, немаме друг избор, барем јас не гледам во моментот. Треба секој да го почувствува благодететот  на новогодишните празници, на човека треба да му се помогне. Нека купат храна за тие што немаат, нека донираат за терапии или таму каде што мислат дека треба да се дадат себеси. Секој може барем малку да одвои од својот буџет“, заклучува Анжелика додека неуморно и вешто создава креации со кои може да се надополни магијата за време на празниците.

 

Вања Мицевска

„Не нè заборавајте, ќе се бориме додека дишеме“: Анжелика Колева е жена за почит, се грижи за себе, но и за децата со посебни потреби